На први април почнува овогодинешното издание на „Денови на кариера”, кои се организираат по 19. пат. Првите „Денови на кариера” беа организирани далечната 1996 година.
– Низ годините истиот им помогна на безброј млади луѓе да дојдат чекор поблиску до вработување, но и да стекнат непроценливо искуство. Овој проект, кој низ годините постојано е организиран од млади ентузијасти – волонтери, успеа поради својот пристап на работа да ги надмине сите турбулентни времиња. Оваа година настанот се организира како соработка помеѓу АИЕСЕК Скопје и Економски факултет – Скопје – информираат од АИЕСЕК.
Настанот е составен од два дела – саем на компании и едукативен семинар. Саемот ќе се одржи на први април во аулата на Економски факултет со почеток во 10 часот. Истиот има за цел да овозможи интеракција помеѓу студентите и претставниците од компаниите и да овозможи шанса студентите од прва рака да дознаат повеќе за програмите за пракса или вработување кои ги поседуваат компаниите.
Едукативниот семинар, за разлика од минатите години, има ставено поголем акцент на проактивноста на младите, на нивните лидерски способности, но и на општо развивање на потребните компетенции кои треба да ги поседуваат младите како услов за поуспешна кариера. Овогодинешниот слоган „Не прави snooze, оствари го сонот!”, потенцира на потребата младите да се вклучат активно во процесот на планирање на својата иднина и искористување на сите можности и привилегии кои може да ги стекнат додека се уште се студенти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.