Министерот за економија Беким Незири денеска присуствуваше на свечената церемонија за поставување камен-темелник за изградба на транс-анатолскиот гасовод за природен гас ТАНАП, во провинцијата Карс во близина на турско-грузиската граница.
На церемонијата, која се оддржа под покровителство на претстедателите на Турција, Грузија и Азербејџан, Реџеп Таип Ердоган, Георги Марквелашвили и Илхам Алијев, Незири имаше средба со турскиот министер за енергетика Танер Јилдиз, на чија покана присустуваше на настанот. Со него разговараше за можноста во иднина и Македонија да се приклучи во проектот, кој е многу значаен за целиот регион.
– Република Македонија останува отворена за соработка со земјите од регионот и пошироко за сите понудени решенија за изградба на гасоводни интерконекции, имајќи ги во предвид критериумите за обезбедување на доволни количини природен гас, континуитет во снабдувањето и пониска понудена цена на природен гас – изјави Незири.
Тој посочи дека постојат неколку можности за интерконективно поврзување на гасификацискиот систем на Република Македонија со гасоводите кои транзитираат низ територијата на Турција.
– Гасоводот ТАНАП кој оди до Грција, а потоа на него се надоврзува Трансјадранскиот гасовод ТАП што поминува од Грција во Албанија и под Јадранско море оди во Италија, претставува добра можност за поврзувањето на гасификацискиот систем на Република Македонија – рече Незири и прецизира дека поврзувањето може да се направи кај Гевгелија или, пак, кај Битола со должина на кракот од околу 60 километри.
Проектот ТАНАП е потпишан помеѓу Турција и Азербејџан и се предвидува да биде пуштен во работа 2019 година. Преку него ќе пренесува гас од Азербејџан од наоѓалиштето Шах-Дениз.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.