Домот за зависници во Кисела Вода ќе се пренамени во поликлиника „Кисела Вода“, а домот ќе се премести, соопшти Никола Тодоров, министерот за здравство, потенцирајќи дека проектот ќе се реализира во текот на идната година. При дислокацијата на центарот најверојатно ќе се примени концептот на отворање на повеќе пунктови во поголем број на општини.
– Идејата е да немаме поголема концентрација на лица коишто имаат болести од зависности на едно место. Целта е да имаме поголем број на локации, но такви што ќе бидат максимално безбедни, односно ќе немаат голем број на зависници и нема да бидат во близина на училишта, градинки или места каде има поголема фреквенција на малолетници – изјави Тодоров.

Средствата ќе бидат обезбедени од Здравствениот дом во Скопје. Во почетокот на наредната година се очекува центарот да биде пренаменет во поликлиника.
Идејата за овој проект произлегла од бројните заблешки и претставки што ги имале од страна на граѓаните кои живеат во близина на Домот.
– Станува збор за значаен проект имајќи предвид дека граѓаните кои живеат во овој дел имаат проблем со лицата болни од зависности кои секојдневно доаѓаат во овој ценатр да добиваат метадонска терапија, а од друга страна граѓаните кои живеат во оваа општина за каква и да било здравствена услуга мораат да пативаат до поликлиниката „Јане Сандански“ која сега се наоѓа во општина Аеродром, рече Тодоров.
Во Домот за зависници во Кисела Вода, лицата зависни од болести се третираат со метадонска терапија. Во Република Македонија секоја година за лекувањето на овие лица се одвојуваат од 50 до 55 милиони денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


