За наградата „Виртуози 2015“ вечерва во Македонскиот народен театар (МНТ) ќе се натпреваруваат 22 музички и балетски уметници и ансамбли, во осум категории.
Признанието за најуспешен уметник за 2014 година, статуетката ќе ја понесе по еден кандидат во категориите: млад музички уметник, камерен ансамбл, музички публицист, музички настан, композитор, меѓународна афирмација, музичкосценски уметник и музички изведувач.
Во категоријата „млад музички уметник“ ќе се натпреваруваат виолинистите Ева Богоевска и Александар Иванов и баритонот Иван Наумовски. За статуетката најуспешен „камерен ансамбл“ за минатата година ќе се одлучува помеѓу Дуото Сихана Бадивуку (виолина) и Маја Кастратовиќ (пијано), триото виолини Анна и Олег Кондратенко и Марија Вршкова (пијано) и женскиот хор „Св. Злата Мегленска“.
За победникот во категоријата „музички публицист“ комисијата ќе одлучи меѓу кандидатите Тања ВујисиќТодоровска и Тина Иванова. За „Музички настан“ на годината во конкуренција се концертот на Македонската филхармонија со пијанистот Борис Березовски, современиот балет „14 часа“ и претставата „Фауст“.
Композиторот на годината ќе биде избран помеѓу Дарија Андовска, Александар Пејовски и Валентина Велковска Трајановска.
Во категоријата „Меѓународна афирмација“ ќе се натпреваруваат сопранот Ана Дурловски и диригентот Сашо Татарчевски.
Најуспешниот „Музичкосценски уметник“ за 2014 година ќе биде избран помеѓу тенорот Ѓорѓи Цуцковски, примабалерината Александра Мијалкова и кореографот и танчер Игор Киров. Во трката за „Музички изведувач“ на годината се виолинистот Владимир Костов, диригентот Саша Николовски Ѓумар и пијанистот Тодор Светиев.
Номинациите оваа година се добиени врз основа на предлозите и мислењето на дванаесет члената стручна жири комисија, составена од стручни лица од сите значајни музички организации во Македонија. Годинава, манифестацијата ќе биде збогатена со неколку настапи во живо, на џез групите „Летечки пекинезери“ и Тони Китановски со „Черкези оркестар“, потоа дуото Гонце Богоромова сопран и Андреј Наунов пијано, дуото Ермаљ Мехмети виолина и Јета Старова Мехмети флејта, како и атрактивниот хор „Хипхор“.
Меѓу минатогодишните носители на статуетката се: Македонската опера и балет, Дуото Кировски, хармоникашот Александар Коловски, Македонската филхармонија, композиторот Љубомир Бранѓолица, сопранот Весна ЃиновскаИлкова, публицистот Бранка Костиќ Марковиќ, обоистката Гордана ЈосифоваНеделковска и диригентот Борјан Цанев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



