| четврток, 6 декември 2018 |

Чешка одби да преговара со Исламска држава за ослободување на нејзиниот државјанин

Чешка одби да преговара со терористичката организација Исламска држава (IS) за нејзиниот државјанин Павел Груз кој пред една седмица беше грабнат во Либија, изјави во саботата чешкиот премиер Богуслав Соботка истакнувајќи дека оваа земја е активен учесник во меѓународната антитерористичка коалиција предводена од САД.

„Чешка нема да води преговори со терористи“, рече премиерот Богуслав Соботка одбивајќи да коментира како официјална Прага има намера да го лоцира местото на кое се наоѓа и да се обиде да го ослободи нејзиниот државјанин од заложништвото на исламистите.

„Во моментов за нас е приоритет да го пронајдеме нашиот државјанин. Доколку може да му се помогне, ќе го сториме тоа. Премногу рано е да се зборува за друго. Ние не поседуваме нови информации за него“, рече Соботка.

Според најавите, во понеделник ќе се одржа седница на чешката влада на којашто министерот за надворешни работи ќе поднесе извештај за дипломатските активности и сознанија од разузнавачките служби од потрагата по грабнатиот Павел Груз. Чешките дипломати претпоставуваат дека тој се’ уште е жив.

На 6-ти март џихадистите од Исламската држава го нападнаа кампот за работници на нафтоносното поле Гани на југот од Либија кое го експлоатира австриска компанија, при што убија 11 припадници на обезбедувањето и земаа во заложништво најмалку девет странски експерти. Меѓу нив се по еден државјанин на Чешка и на Австрија, и по неколку на Филипини, Бангладеш и Гана.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top