| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Отворена економија за привлекување странски инвестиции

Македонската економија е отворена за странските инвеститори. Со напорни реформи, во услови на глобална економска криза, успеавме да создадеме поволна бизнис-клима за странски инвестиции, истакна претседателот Ѓорге Иванов на форумот „Кран Монтана“, што се одржува во Дакла, Кралство Мароко.

Обраќајќи се на официјалната сесија на отворањето на форумот на тема „Неопходност од подобрување на климата за странски инвестиции и обезбедување сигурни индустриски и финансиски партнери“, претседателот Иванов посочи и на глобалните извештаи за Македонија, јави известувачот на МИА. ­

– Според извештајот на Светската банка „Дуинг бизнис“, неколку години по ред Македонија е најдобар реформатор во Југоисточна Европа и трет реформатор во светот. Македонската економија во 2014 година имаше втор резултат во Европа со пораст од четири проценти. Македонија беше на трето место во Европа во 2013 година и во 2011 и во 2010 година. Падот на економијата во кризниот период од 2009 до 2012 година беше најмал од сите земји во Југоисточна Европа. Сето тоа се должи на нашата отвореност и непосредност – истакна Иванов.

Зборувајќи за отвореноста пред највисоки државни претставници од светот, рече дека Република Македонија, покрај во економијата, е отворена и во политиката. ­ Денес водиме надворешна политика на отвореност кон сите кои со нас сакаат да соработуваат.

– Нашата стратегиска цел е членството во НАТО и во Европската унија, но не се откажуваме од продлабочување на соработката со сите добронамерни држави – нагласи претседателот Иванов.

Според него, непосредниот контакт е незаменлив и затоа на форумот, како што рече, присуствуваат и истакнати бизнисмени од Македонија кои ќе ги разгледуваат можностите за соработка со бизнис­заедниците од Мароко. ­ Но, отвореноста е невозможна без доверба. Една од главните теми на годинашниот форум е и унапредување на дијалогот меѓу Африка, Магреб и Европа.

– Сметам дека ова е дел од една уште поголема приказна – дијалогот меѓу религиите, културите и цивилизациите. Целта на дијалогот не е и не смее да биде надминување, туку почитување и прифаќање на различноста. Ако не го поддржиме дијалогот, полека, но, сигурно се движиме кон судир меѓу религиите и цивилизациите. Токму затоа, силно ја поддржуваме работата на Алијансата на цивилизациите и сите форуми, како „Кран Монтана“, кои со својата работа придонесуваат кон градењето доверба и дијалог – рече Иванов.

Тој смета дека непочитувањето на меѓународното право, на пресудите на Меѓународниот суд на правдата внесуваат неизвесност и несигурност во меѓународните односи. Затоа, рече, во 2003 година го инициравме првиот Форум на дијалогот меѓу цивилизациите како предвесник на Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации. Спомена и обновување на дијалогот во соработка со УНЕСКО и со Европската унија, како и организирање на 4. Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог.

Шефот на македонската држава посочи дека денес, повеќе од кога било досега, сме исправени пред опасноста светот да влезе во нов вртлог на насилство, и тоа, како што рече, најлошото од сите – насилство во името на Бог, во името на религијата. ­ На сите нам ни е јасно дека ништо не сме заборавиле од минатото, но исто така, дека и речиси ништо не сме научиле од минатото. Повторно ги гледаме сенките на предрасудите, нетрпеливоста, ксенофобијата и другите предвесници на конфликтите. Сомнежите и стравот се резултат на отсуство на дијалог, -рече Иванов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top