| четврток, 6 декември 2018 |

Земан засега е единствениот лидер од ЕУ што ќе присуствува на воената парада во Москва

Чешкиот претседател Милош Земан е единствениот шеф на држава од Европската унија, која досега го потврди учеството на воената парада по повод 70-годишнината на крајот на Втората светска војна во Москва.

Порталот „ЕУ Обсервер“ во овој контекст го нарече Земан поддржувач на рускиот претседател Владимир Путин, јави дописникот на МИА од Прага.

Според портпаролот на Земан, Јиржи Овчачек, чешкиот претседател смета дека неучеството на парадата, која ќе се одржи на 9 мај, би било навреда за 150.000 Руси кои загинаа за време на ослободувањето на поранешна Чехословачка.

Поради мешањето на Русија во Украина, досега учеството на воената парада го откажаа германската канцеларка Ангела Меркел, како и други лидери на земји-членки на ЕУ, како Полска, Естонија, Латвија и Литванија.

Францускиот претседател Франсоа Оланд, исто така, изјави дека нема да оди во Москва, но со образложение дека има друга планирана посета, додека Велика Британија ќе испрати висок претставник наместо премиерот Дејвид Камерон.

Поканата за посета на Москва ја одбил и американскиот претседател Барак Обама.

Словачка, Унгарија и Грција, кои се на листата на поканети, досега не излегоа со официјален став. Според некои медиуми, учество во прославата ветил претседателот на Абхазија, една од отцепените грузиски републики кои, кои прогласија независност од Тбилиси, а има блиски врски со Русија.

Русија традиционално го одбележува крајот на Втората светска војна, на 9 мај, со воена парада која се одржува на Црвениот плоштад во Москва.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top