| четврток, 6 декември 2018 |

Банкарски заговор и на пазарот за злато

Вашингтон истражува дали десетици мегабанки со години ја договрарале цената на скапоцените метали.

Американското Министерство за правда и Комисијата за термински стокови трансакции на САД започнаа истрага за можни манипулации со цената на скапоцените метали на светскиот пазар, објави „Волстрит Џурнал“, не именувајќи ги изворите за оваа бомбастична информација.

Според американскиот весник, под лупа на Вашингтон е долгогодишната пракса на учесниците на т.н. процес на лондонско фиксирање на цените на златото. Меѓу осомничените, според наводите на весникот, се десетици мегабанки меѓу кои ХСБЦ, „Банката на Нова Шкотска“, „Барклиз“, „Креди Свис“, „Дојче банк“, „Голдман Сакс“, „Џеј-Пи Морган Чејс“, „Сосиете женерал“, „Стандард банк“ и УБС.

Американската истрага инаку моментно е во рана фаза. Од оваа страна на Атлантикот, европските финансиски истражувачи не се единствени. Додека лани ЕУ се откажа од слични проверки, швајцарските финансиски органи минатиот ноември утврдија јасен обид за манипулација со цената на скапоцените метали меѓу тамошните банки.

Најновата американска проверка на деловните активности на водечките западни банки и можните штети настанати од евентуални групни манипулации следеше откако по избивањето на финансиската криза на надлежните им стана јасно дека финансиските институции маневрираат на пазарот на хартии од вредност и акции, истовремено на големо местејќи ги меѓубанкарските каматни стапки, како и меѓународниот курс на девизите.

Некои мегабанки на Вашингтон веќе му платија огромна казна поради узурпирање на својата парична моќ на американскиот финансиски пазар. Водечката европска банка, британската ХСБЦ, во својот годишен извештај откри дека Вашингтон во јануари побарал официјални информации за работењето на нејзините подружници во Њујорк, поради сомнеж за матни зделки на елитниот состав, кој раководи со светските пазарни на скапоцени метали веќе со децении.

Имено, два пати дневно (во 10.30 и 15 часот по лондонско време), група од внимателно одбрани луѓе седат на телефон да се договорат за цената на златото, среброто, платината и паладиумот на светскиот пазар. Договорот се одвива со наддавање, додека официјално не го проценат трендот на пазарот. Неофицијално, екипата на телефон проценува која цена им одговара ним и на нивните клиенти, изразено во долари, фунти и од неодамна и во евра. По овој договор веста за цената на четирите скапоцени метали се разлева преку веќе со децении разработени берзански канали на светскиот пазар на метали и хартии од вредност.

Таинствената пракса, од глобално значење, се одвива зад сериозно затворени врати од есента 1919 година, кога во канцелариите на банкарската куќа „Ротшилд“, се собрала основачката петорка на она што и денес се нарекува процес на лондонското фиксирање на цените на златото. Таинствената група фиксатори во меѓувреме се зголемила, Ротшилдови се повлекле од тој панел, како што се нарекуваат меѓу себе, работејќи вредно со децении (со пауза во текот на Втората светска војна) со помал одмор само за католичкиот Божик и Новата година. Инаку на тие датуми телефонските разговори ги вршат вкрстено само наутро.

Нема потреба да се зборува за огромната моќ која ја имаат овие панелисти. Само минатата година светската побарувачка за злато изнесуваше 3.924 тони. Еден цент погоре или подолу во дневната цена на златото и трите преостанати скапоцени метали донесува или однесува баснословна сума на актерите на оваа трговија. Заинтересирани има многу: од централните банки ширум светот, јувелирската и другата индустрија кои ги користат скапоцените метали како суровина, до шпекулантите кои ги врзуваат своите инвестиции за цената на златните шипки или количината на стратешките метали, посебно на паладиумот.

Фантастичната моќ на затворените банкарски кругови е нарушена во 2012 година кога со истрага од двете страни на Атлантикот се утврдени групни договори во местењето на меѓубанкарските каматни стапки. Договорното местење на т.н. либор (лондонска меѓубанкарска понудена стапка) и на т.н. евролибор, на инвестициските ограноци на мегабанките овозможи многу подолго од што е реално да го прикажуваат профитот и да го задржат влијанието на глобалниот пазар на разни ефтини кредити. Тој банкарски наводен превид подоцна на многу места беше крпен со пари од даночните обврзници ширум развиениот свет.

Бидејќи истрагите (во државите со испразнети каси) станаа се по упорни, а казните се поголеми, банкарскиот еснаф брзо го ревидираше деловниот стил и на пазарот на скапоцени метали. Електронската референтна цена на среброто на глобално ниво сега е во рацете на „Томсон“, „Ројтерс“ и „ЦМЕ групата“, додека лондонската берза на метали двапати дневно ја утврдува референтната цена на платината и паладиумот. Што се однесува до цената на златото, од 20 март оваа година Меѓународната асоцијација за референти стапки ќе почне електронски да ја утврдува цената на златото, заменувајќи го сомнителниот и оспорен лондонски процес.

Пред тоа, пред суд во Њујорк подготвени се 25 тужби против европските банки „Барклиз“, „Дојче банк“, ХСБЦ, „Банката на Нова Шкотска“ и „Сосиете женерал“, поради наводни улоги во местење на цената на златото. Американските банки учеснички на лондонскиот договор во овие тужби не се наведуваат.

Политика – Белград

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top