| четврток, 6 декември 2018 |

Жерновски го репризираше Заев

zernovski-pres8

Опозициската СДСМ и нивните коалициски партнери продолжуваат со објавување на нелегално добиените снимки од прислушувањето приватни телефонски разговори на високи функционери во Владата на Република Македонија и новинари. Овој пат, наместо лидерот на СДСМ, Зоран Заев, новата т.н. бомба 9 ја објави градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски. Поголемиот дел од денешните снимки беа истите што беа презентирани и на завчерашната трибина на СДСМ во Универзална сала.

Во снимките што беа презентирани, на почетокот се работеше за разговор меѓу, како што беше истакнато, министрите Гордана Јанкулоска и Никола Тодоров. Разговорот бил за избирачкиот список на гласачи во општината, при што се нагласува дека Жерновски постојано барал средба да разговараат за списокот.

На втората презентирана снимка е опфатен разговор меѓу, како што беше кажано, министерот Миле Јанакиевски и негов непознат соговорник. Во разговорот лицето, за кого беше нагласено дека е Јанакиески, се жали за текстови што ги објавиле, т.н. опозициски новинари.  Во еден од разговорите меѓу премиерот Никола Груевски и Јанакиески станува збор за поднесување приговори во Центар.

Беше емитуван и разговор меѓу Сашо Мијалков и новинарот Драган Павловиќ – Латас. Се спомнува дека во Центар во секој случај треба да има втор круг избори.
Беше пуштен и разговор меѓу, како што беше кажано, Јанакиески и Мијалков, а во него се спомнува дека, наводно, на советник во општината ќе му биде платена легализација на неговата куќа доколку прејде на страната на, како што се тврди, владејачката партија.

Дали откако бомбите на Заев не наидоа на голем интерес кај пошироката јавност и откако не го постигнаа очекуваниот ефект, Жерновски мораше да ги репризира?

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top