Долгот на државата се намалува благодарение на реформите во економската сфера и на добрата кондиција на буџетот. Предвременото враќање на парите земени на заем од ММФ овозможи намалување на јавниот и на државниот долг за 1,7 процентни поени, што ја поставува Македонија во позиција на партнер од доверба кога станува збор за враќање на парите земени на заем од меѓународните кредитори. Тоа предизвика позитивна реакција и кај инвеститорите и кај кредиторите, кои ја нарекоа Македонија економско гуру, земја за пример, која покажува и докажува како треба да се менаџираат државните пари. Годинава намалувањето на долговите ќе продолжи бидејќи освен кредитот кон ММФ, кој е вратен во целост, за плаќање достасува и еврообврзницата од 2005 година на сума од 150 милиони евра, која е со каматна стапка од 4,6 проценти. Средствата се обезбедени бидејќи лани беше искористен поволен момент за издавање на третата еврообврзница, вредна половина милијарда евра, која е со рок на достасување од седум години и каматна стапка од 3,9 проценти на годишно ниво.
– Македонија е во безбедната зона кога станува збор за висината на долгот. За споредба, податоците на хрватската централна банка покажуваат дека јавниот долг на оваа земја во октомври достигнал 82 процента од БДП или 36 милијарди евра. Јавниот долг во Албанија во континуитет се движи преку 70 проценти од БДП. Јавниот долг на Србија на 31 јануари достигна 72,3 проценти од БДП или 23,2 милијарди евра. Рекордер е Грција со јавен долг од 175 проценти од БДП!
Со реализација на сите проекти од програмата, како новите автопатишта, пругата кон Бугарија, гасификацијата, изградбата на болници, училишта, водоводи, канализации, ние ќе останеме под нивото на мастришките критериуми. Македонија е на безбедно ниво на задолженост – изјави неодамна Ставрески.
Според него, последниве години невработеноста е намалена за една третина, отворени се 125.000 работни места, како резултат на реформите во земјава дојдоа повеќе од 30 странски компании, државниот долг е под 35 проценти од БДП или меѓу четирите најниски во Европа.
– И тоа покажува на каков начин сме излегле на крај со тој предизвик, кога во соседството и во многу земји од Европа јавниот долг достигнува повеќе од 100 проценти – вели Ставрески.
Според професорот Томе Неновски, со предвременото раздолжување, освен заштедата на пет милиони долари и намалување на јавниот долг, Македонија испраќа јасна порака до инвеститорите за стабилност на економијата, а тоа, секако, влијае и на рејтингот на државата.
Тој советува, ако буџетските можности, девизните резерви и пресметките дозволуваат, добро е дел од кредитите да се вратат порано затоа што тоа може да има соодветни ефекти.
– Предвремена отплата на кредитот за претпазливост создава позитивни ефекти за државниот буџет и за девизните резерви врз основа на камати и на курсни разлики, некаде околу пет милиони долари, што не е за занемарување. Понатаму, ефектот би бил и дека за соодветен процент ќе се намали, како што беше речено, за 1,7 процентни поени, јавниот долг и соодветно државниот долг на државата што, исто така, е благопријатно дејство врз целината на задолженоста на земјава – вели Неновски.
Многу се битни, додава, и продолжените ефекти од предвремената исплата на долгот.
– ММФ ќе има позитивен пристап затоа што вообичаено ги следи движењето на девизните резерви и наплатно-билансната состојба на државата, ги има секогаш предвид. И тогаш кога одобрува некакви аранжмани, знае какви се билансната состојба и динамиката на девизните резерви – истакнува Неновски.
По ваквиот чекор, цени професорот, странските инвеститори ќе размислуваат уште попозитивно за Македонија и побрзо и полесно ќе донесуваат одлуки за реализирање на вложувањата кај нас.
– Несомнено е влијанието и врз кредитниот рејтинг на државата што веќе ќе го регистрираат водечките меѓународни агенции, како ФИЧ, која потврди дека го задржуваме стабилниот ББ + – нагласува Неновски.

И бизнисмените се задоволни од чекорите на владата, кои овозможуваат подобрување на вкупната економска клима и услови за работа на фирмите.
– Предвремената исплата кон Меѓународниот монетарен фонд на кредитната линија за претпазливост за Македонија претставува позитивен сигнал за странските инвеститори и за домашните компании дека економијата е во добра кондиција и постои макроекономска стабилност – оценува извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.
Тоа е особено важно, вели Алексов, ако се има предвид дека многу земји-членки на Европската унија не се во состојба редовно да ги сервисираат своите долгови и тешко добиваат одобрување за одложување за враќање на долговите.
Овие нивни согледувања ги потврдува и директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристин Лагард, која го поздрави предвременото отплаќање на долгот кон ММФ, во вредност од 173 милиони долари, кое, според предвидениот распоред, требаше да се случи во март 2016 година.
– Ја поздравувам одлуката на ПЈР Македонија предвреме да ги отплати своите преостанати обврски кон Фондот, што го одразува подобрениот пристап на земјата на меѓународните пазари на капитал. Со нетрпение очекуваме да го продолжиме блискиот и конструктивен дијалог со македонските власти – изјави директорката на фондот, Лагард.
Македонија и во 2007 година предвреме се раздолжи кон Европскиот инвестициски фонд, Светска банка и Парискиот клуб, со што земјава си создаде простор за задолжување кога беше најпотребно, за време на кризата, кога од огромна важност беше во стопанството да се инјектираат свежи пари, што го одржа стопанството во добра кондиција и во најтешките времиња.
(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 131. број на неделникот „Република“, 6.03.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


