| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов ќе го свика СБ кога ќе ги добие сите информации од надлежните

­ Советот за безбедност не е е ниту собраниска комисија ниту јавно обвинителство. Седница ќе свикам кога ќе добијам збирни податоци и информации од надлежните институции, вели претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во врска со можноста за свикување на Советот за безбедност.

Во интервју за „Макфакс“, Иванов констатира дека во последниот период има многу шпекулации и дезинформации поврзани со функционирањето и поставеноста на системот за национална безбедност, вклучително и улогата на Советот за безбедност. ­

– Тоа што јавноста треба да го знае е дека системот за национална безбедност и неговите субјекти функционираат во согласност со надлежност утврдена во Уставот и законите, по претходно донесена национална концепција за безбедност и одбрана. Се формираа нови институции и работни тела кои имаат надлежност и одговорност утврдена со закон. Советот за безбедност не функционира на допрен глас, ниту врши надзор врз работата и спроведувањето на мерките на службите. Ова тело не е ниту јавно обвинителство ниту собраниска комисија. Ги очекувам актите од надлежните органи на државната управа. Досега до мене не е доставена анализа, препорака и заклучок од страна на Групата за процена на активности насочени кон влошување на безбедносната состојба во Република Македонија. Советот за безбедност ќе заседава кога ќе се обезбедат збирни податоци и информации од надлежните институции, со цел да донесе и заклучок за процена на штетата по системот за национална безбедност. Доколку заклучокот бара, Советот за безбедност ќе расправа и за иницијативи за промени во безбедносната политика – нагласува Иванов.

Потенцира дека институциите мора да функционираат. ­ Собранието има комисии чија улога е да извршат надзорот над работата и спроведувањето на мерките за следење комуникации од страна на службите. Отсуството на опозицијата од работата на овие тела го оневозможува овој механизам на контрола. Што се однесува до одговорноста, секој кој извршил акт спротивно на закон и на правилата на работа да понесе одговорност. Одговорност мора да има, додава Иванов.

Посочува дека за предметите за кои се надлежни органите на прогон и кои се во постапка во Јавното обвинителство, во согласност со закон, обвинителството е должно да ја информира јавноста.

­- Тие предмети се од таква природа што предизвикуваат поширок општ интерес во јавноста – додава Иванов.

Во однос на прашањето за штета по безбедносниот систем во државата, Иванов очекува надлежните, секој во својот ресор, да преземат мерки за утврдување на таквите состојби и за тоа да го информираат Советот за безбедност. ­ Врз основа на таквите информации, Советот за безбедност би заседавал и би донел заклучоци, за што јавноста ќе биде информирана, нагласува македонскиот претседател.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top