Технократи на кредиторите на Грција денеска треба да пристигнат во Атина на разговори со владини претставници, еден ден откако вчера во Брисел почнаа технички дискусии за програмата за реформи.
Атина прво се противеше на обидите на кредиторите да испратат претставници во Грција за да соберат информации, но се повлече откако стана јасно дека нема надеж за напредување без нивно присуство во Атина во некоја фаза.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, технократите кои ќе пристигнат во грчкиот главен град се очекува да го посетат државниот генерален завод за сметководство, како и неколку министерства. Договорено е посетите да се реализираат во „три неделни бранови“, секој пат фокусирајќи се на различни аспекти на економијата. Во првата недела експертите ќе ги испитаат фискалните прашања, потоа ќе следат структурните реформи, а третата недела на дневен ред ќе бидат банкарски прашања.
Разговорите што вчера почнаа во Брисел се нарекуваат „Бриселска група“, што ја одразува одлучноста на грчката Влада да стави крај на асоцијациите на „тројката“, а се шпекулира дека името го смислил претставникот на Европската Комисија, Деклан Костело.
Целта на разговорите во Брисел и Атина е до Велигден да се постигне технички договор, по што законот за реформи ќе биде поднесен во грчкиот Парламентот за одобрување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.