| четврток, 6 декември 2018 |

ММФ: Македонската економија расте побрзо од другите во регионот

ммф

Македонската економија расте побрзо од другите во регионот. Тоа се должи на мерките од фискалната политика, кои го поттикнаа порастот, но и на странските директни инвестиции. Ова го изјави шефицата на мисијата на ММФ за Македонија, Ивана Владкова Холар, која беше еден од претставниците на извештајот на ММФ за земјите за Западен Балкан на Конференцијата „15 години транзиција“, која се одржа денеска во Виена.

– Македонија води добра макроекономска политика и имаше простор со фискалната политика да интервенира во време на светската економска и европската должничка криза и да го стимулира растежот – изјави Холар.

Според неа, Македонија постигнала успех благодарение на настојувањата да се привлечат странски инвеститори.

Како предизвици за наредниот период за Македонија, но и за останатите земји од Западниот Балкан, Холар ги наведува намалувањето на невработеноста, создавањето повеќе простор за раст на приватниот сектор и одржување на макроекономската стабилност.

Во извештајот на ММФ „Западен Балкан: 15 години транзиција“ се наведува дека Македонија предничи во структурните реформи во регионот. Исто така, Македонија и Србија се наведуваат како земји кои добиле најмногу од отворањето на економиите, односно дека имаат значително подобрување на структурата на извозот со производи со повисока додадена вредност. За странските директни инвестиции се наведува дека ќе бидат генератор на нови работни места, што ќе го реши едно од најгорливите прашања – невработеноста.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top