Европскиот парламент доцна вечерва на пленарна сесија во Стразбур ќе расправа за резолуцијата за напредокот на Република Македонија во 2014 година, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Во Резолуцијата подготвена од известувачот за Македонија, словенечкиот европратеник Иво Вајгл (либерална група) уште еднаш се бара од Советот на Европската Унија да донесе одлука за почеток на преговорите за членство со Македонија. Ова е главната порака во нацрт-резолуција, која треба да биде усвоена на утрешното гласање во Стразбур, а веќе помина во Комисијата за надворешни работи.
Во резолуцијата јасно се вели дека Советот на ЕУ, поради нерешениот проблем со Грција околу името, ја спречува земјата да напредне во процесот на членство. Пратениците сметаат дека проблемот со името не треба да го спречува отворањето на преговорите, туку да биде решен пред крајот на преговорите за членство и влегувањето на Македонија во ЕУ. Тие повторно советуваат историјата да се толкува според фактите, а не идеологијата и се советува создавање на заеднички експертски комисии со соседните земји посветени на историјата и образованието.
Европратениците сметаат дека во најновиот извештај за Македонија беа акцентирани растечките фрустрации на македонското јавно мислење поради ќорсокакот во кој се наоѓа евроинтеграцијата на земјата и ризиците кои произлегуваат од тоа за тензии во земјата. Ова може да тежи на регионалната стабилност, но и да ја намали кредибилноста на Унијата и да се заврши со назадување на демократските норми на земјата.
Како и што можеше да се очекува во резолуцијата влегоа и последните случувања со аферата „Пуч“, прислушувањата и генерално најновата политичка криза.
ЕП е загрижен за поларизираната домашна клима и смета дека е под надлежност како на Владата, така и на опозицијата да се грижат за трајна политичка соработка.Владата да ја почитува улогата на Парламентот, да обезбеди доволен обем и време за консултации (пред се’ за уставните измени) и да овозможи целосна, независна парламентарна контрола.
– Компромисите се од фундаментално значење за функционирање на демократијата. Постизборниот бојкот е проблем кој треба да се реши во духот на споделена одговорност меѓу Владата и опозицијата – стои во нацрт-резолуцијата, со барање на крај шефицата на дипломатијата на ЕУ Федерика Могерини да посредува во договорот меѓу партиите.
ЕП е „сериозно загрижен поради влошувањето на односите меѓу Владата и опозицијата, особено во поглед на неодамнешната најава на обвиненијата против лидерот на опозицијата од страна на премиерот и, исто така, спротивставените обвинувања за кривични лоши дела“. ЕП осудува каков било незаконски надзор и повикува сите наводи да бидат објавени, како и да се спроведе независна истрага за сите обвинувања за незаконско набљудување, со целосно почитување на принципите на транспарентност, непристрасност и пресумпцијата на невиност“, стои во резолуцијата. Ова е најава за засилено влегување на ЕУ како посредник во решавањето на македонската политичка криза, иако нивото на кое ќе се спроведе тоа се’ уште се утврдува.
Пофалбите доаѓаат за екононската политика и резултати на земјата и позитивната еволуција во борбата притив корупцијата.
Во Нацрт-резолуцијата се истакнува исто така и „загриженост за загрозеноста на слободата на медиумите, за широко употребуваната самоцензура и практиката на политичка клевета во медиумите, како и нивната зависност од државниот буџет“.
Околу предложениот пакет на измени на Уставот, ЕП мисли дека некои од предлозите може да се подобрат во согласност со препораките на Венециската комисија, при што се бара почитување на Европската конвенција за човекови права и земање предвид на законодавството на Унијата. Се разбира резолуцијата може до последен момент да претпри измени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.