Музејот на азиските уметности од Тулуз, Жорж-Лабит може да се гордее со своите дела, кои за неколку дена станаа вистински хит на интернет во Франција, откако беше направена споредба на една необична јапонска маска со марионетата на Жак Ширак во популарната тв-емисија „Гињол де л4Инфо“, јавува дописникот на МИА од Париз.
Со високо чело, широка уста, со веѓи кои паѓаат, испрчена брада, маската наликува толку многу на марионетата од латекс на телевизиската емисија, што некои ги наведе да се посомневаат дека станува збор за шега, какви што ги има многу на интернет.
Но не станува збор за шега, оваа маска им е позната на вработените во музејот, кои го потврдија нејзиното потекло и дека таа е регистрирана во инвентарот под број 591197. Интернет се возбуди со оваа маска, откако една од фотографиите направени пред повеќе години беше објавена на Твитер.
Јапонската маска од 17-от век е репродукција на една личност од традиционалниот јапонски театар НО, која ги става на сцена будистичките и шинтоитските легенди. Маската е олицотверение на злобна личност, демон наречен Обешими. Ова дело кое е изрезано во дрво е покриено со гипс и е големо дваесетина сантиметри му беше подарено на градот Тулуз од колекционер на азиски предмети.
Иронијата на сличноста е дотолку поголема, ако се знае колку Жак Ширак ја обожава јапонската култура.
Видно инспирирани од оваа афера, музејот извади уште два музејски експонати кои личат на француски познати личности, една скулкптура на Буда која личи на пејачот и композитор Серж Гансбург, како и маската која личи на француско-мароканскиот хуморист Мохамед Бенјамна –Будер.
Музејот кој годишно го посетуваат меѓу 15 и 20 000 гости, не забележа зголемување на посетеноста по објавувањето на фотографиите на интернет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.