На 9. март, понеделник, во 20 часот во Галеријата на МКЦ, ќе се промовирра поетската книга „Поврзи ги точките“ од Николина Андова Шопова во изание на „Темплум“.
„Точките“ ќе ги поврзат – Владимир Јанковски со критички осврт и Румена Бужаровска и Елена Митреска со интерпретација на поезија.
За книгата Јанковски ќе рече: „Николина Андова Шопова е поетеса која верува дека сето она што се случува околу нас носи во себе одреден полнеж што може да се претвори во поезија. Таа припаѓа на групата уметници според кои уметноста својот материјал може да го пронајде насекаде. Уметноста е и треба да се пронаоѓа во обичните и банални случувања од секојдневието.
„Од телото ги исфрлам дреболиите на денот“, се вели во песната „Наопаку“. Преку преработката на тие „дреболии на денот“, Андова Шопова создава поезија речиси во целост составена од расфрлените остатоци од реалноста.“
Тоа е поезија што опсесивно се доближува до препознатливите предмети или слики. Секако, не за да ги умножи или за да ја повтори нивната баналност и обичност. Напротив. Нејзината насоченост кон препознатливото е со цел да го потврди метафизичкиот карактер на тоа секојденвие. Затоа и кога нејзината поезија тематизира дури и слики од колективната меморија, тие слики се тука за преку поезијата да ја трансцедентираат својата баналност. Обично патување со автобус или воз, разгледување на предметите заборавени во џебот на панталоните на љубовникот, фотографии на клупа во парк, детска игра, истуткани хартивчиња во џебот… сите овие елементи за авторката се почеток, влез во поетското. Како да постои некоја пукнатина во појавите околу нас што секогаш може да се искористи за влегување во светот на новото значење…
Николина Андова Шопова е родена 1978 година во Скопје. Дипломира на Катедрата за Македонска и јужнословенска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Објавувала поезија и хаику во повеќе списанија. Во 2013 ја објавува првата поетска книга „Влезот е од другата страна“ (издание на Темплум), за која ја добива наградата „Мостови на Струга“ од СВП и УНЕСКО за најдобра дебитантска поетска книга. Истата е објавенa и на англиски. „Поврзи ги точкитe е нејзина втора книга поезија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



