| четврток, 6 декември 2018 |

Филип Хамонд: Односите меѓу Лондон и Москва остануваат „трнливи“

englandrussia

Британскиот министер за надворешни работи Филип Хамонд изјави денеска во Лондон дека односите на Велика Британија со Русија остануваат и понатаму „исполнети со трње“, а за тоа го обвини рускиот претседател Владимир Путин и неговите „нејасни“ намери кон Украина.

Хамонд тврди дека Русија одбрала да влезе во „стратешко натпреварување“ со Западот, наместо да биде сојузник со него.

Шефот на британската дипломатија призна дека навистина има значително намалување на насилството во Источна Украина по минатомесечната спогодба за прекин на огнот во Минск, но тој повторно се закани со нови санкции за Москва доколку дојде до влошување на ситуацијата.

– Јас и понатаму не гледам промена во намерите на господинот Путин, рече Хамонд во интервју за Би-Би-Си.

Судирите во Источна Украона почнаа во април минатата година, само еден месец откако Русија изврши анексија на полуостровот Крим, каде е стационирана руската црноморска флота. Анексијата следеше по насилното соборување од власт на тогашниот украински претседател Виктор Јанукович.

Властите во Киев и проруските бунтивници вчера соопштија дека го повлекле целото свое тешко вооружување од линијата на фронтот.

Русија и Германија побараа двојно повеќе набљудувачи на ОБСЕ за мониторинг на примирјето.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top