Могила и неколку околни села од оваа општина повторно се под вода. Најкритична е состојбата во селото Радобор, каде поради надојдените води веќе не е возможно слободно движење, а критична е состојбата и во селата Вашарејца, Лознани, Чарлија.
И покрај тао што пред неколку дена, по големите поплави што ја зафатија Могила, почна санацијата на најкритичните места во општината, особено кај селата Тополчани – Лознани – Трој Крсти, сепак поради нецелосната санација водата повторно проби на тој дел од општината и ги поплави селата.
Според зборовите на првиот човек на Општината Могила, Стевче Пивковски состојбата е навистина тешка, дури многу потешка отколку што беше по поплавите кои ја зафатија Могила и Пелагонија пред неполн месец. Многу големи главоболки на Могила и околните села им прави снегот, кој постојано врнe од вчера и кој веќе се топи, со што уште повеќе ке ја отежни ситуацијата.
Очигледно е дека Центарот за справување со кризи не ги заврши како што треба санационите работи и предвреме ја повлече механизацијата.
Тоа во голема мера негативно ќе се одрази на моментната ситуација, тврдат могилчани, кои денеска повторно излегоа надвор од своите домови размислувајќи како да се заштитат од новите поплави.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


