| четврток, 6 декември 2018 |

Зошто МПЦ не почне да наплаќа и карти за влез во црквите?

Обредите како крштевка и венчавка се прават само еднаш во животот – вака свештениците на Македонската православна црква-ОА го оправдуваат зголемувањето од петстотини до илјада денари на верските обреди што ги извршуваат.

Ваквата одлука, која ги разгневни верниците владиците ја донеле во почетокот на минатиот месец, а во некои епархии таа веќе почнала да се спроведува.

Таа доаѓа во време на строги пости кога верниците се припремаат за најголемиот христијански празник – Велигден.

Наплаќањето за свештенодејства е грев и канонски прекршок. Значи, тоа што верниците му го даваат на свештеникот е доброволна награда, а тој е должен да ја изврши тајната и во случај верникот да нема ниту денар да плати.

Која е целта на МПЦ со ваквите поскапувања? Овој неверски однос кон верниците само би ги испразнило храмовите, не само секој ден, туку и за најголемите празници. Погребите, пак , би се извршувале без поп, што би не вратило во времето на комунизмот.

Наместо со раширени раце да ги прими новите верници и да помогне во светиот чин како крштевањето на децата, МПЦ за крштевка бара 4.000 денари. Во тој случај, зошто сите не би го чекале август, кога се врши групно крштевање бесплатно? И тоа не е без пари, бидејќи за крштениче подоцна плаќате 300 денари. Без него не можете да се венчате во црква.

Зошто верниците и фирмите донираат пари за обновување на манастирите, како што беше со Трескавец и Бигорски?! Што прави МПЦ со парите од верниците кои плаќаат за високите црковни услуги? Каде одат тие пари за МПЦ да нема да финансира обновување на манастири и цркви?

Со најпроста математика, пак, да прерачунаме колку пари ќе земат за престојниот празник Велигден.

Доколку во сите храмови во Македонија влезат барем милион верници и остават минимум по едно евро, стигаме до вртоглава сума од милион евра. Каде одат тие пари?

Доколку МПЦ толку сака да функционира како фирма со официјални ценовници и одредби што важат за сите, зошто нема фискализација и плаќање на данок за нив?

Никој не знае колкави се нивните примања. Поповите живеат во луксуз кој боде во очи. Луксузни и скапи автомобили, а во случајот на владиката Пимен, пак, и отворена нескромност, сликање со поршеа и јахти. Се тоа, на сметка на верниците.

Мора да се потенцира и фактот што само во последните неколку години се ограбени и уништени повеќе цркви отколку во неколкувековното турско ропство. Зошто МПЦ не се грижи за безбедноста на илјадници незаштитени храмови кои остануваат на милост и немилост на разбојници, посебно во западниот дел на Македонија.

Не дај Боже, некој да ги искритикува! Веднаш се кријат позади црквата и верата, а критиката секогаш ја искривуваат со обвинувања од типот – како тоа некој има право да биде против македонската црква и вера?

За ова никогаш и од никого немаме добиено одговор, иако „Република“ повеќе пати ги повикуваше и ги повикува надлежните претставници на отворена дебата.

Дали „Република“, но пред се, верниците, ќе добијат одговор на овие прашања од претставниците на МПЦ кои се во целост како за интересите на сите верници христијани, така и за самата МПЦ?

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top