Светскиот Македонски Конгрес (СМК) ги повика сите граѓани на општините Кичево и Струга, независно од етничкото потекло и верското уверување, на 24 март да гласаат за кандидатите за градоначалници и советници од заедничките листи на коалициите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
– СМК ги повикува сите Македонци во светот од Кичево и Струга, сами или организирано, да дојдат во татковината и да гласат за кандидатите за градоначалници и советници од заедничките листи на коалициите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Македонците не смеат да ја повторат грешката од бојкотот на референдумот за општините во 2004 година, се вели во повикот на СМК.
Според СМК, Македонците во овие општини треба да покажат дека се единствени и обединети во опстојот и во отпорот против обидите за нивно застрашување со криминални дела и прогонство од родните огништа во сопствената држава.
СМК укажува дека Македонците не се албанофоби, ниту Албанците во Македонија се граѓани од втор ред.
– Муслиманите во Македонија не се само Албанци туку и Македонци, Турци, Бошњаци и Роми, Албанците не се само муслимани туку и православни и католици и во Македонија и надвор од неа. Исламот не е антимакедонски, како што христијанството не е антиалбанско. Но, за не луѓе, кои шират омраза и војна, упатуваат закани и поттикнуваат убиства на невини цивили, и уништуваат туѓи животи и имоти, нема место во власта и на слобода! Такви деликвенти не можат да бидат идеолози на исламот и инспирација за Албанците во светот и во Македонија, велат од СМК.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.