Светскиот ден на ретки болести се одбележува на 28 февруари секоја година. Во Македонија неодамна првпат беше направен Регистар на ретки болести во кој се евидентирани 124 пациенти што имаат болест на Гоше, Вилсон, Хае и уште четириесетина други ретки заболувања. Во регистарот се евидентирани само пациенти што се државјани на Република Македонија и најголем број од нив се деца.
Искуството на Маја Невчевска, која работи како дефектолог, покажува дека обележаноста, етикетирањето, отфрлањето, стравот и срамот од болеста, односно состојбата, се потешки и од самата болест. Таа смета дека во Република Македонија е огромна потребата од кампањи, постојани настапи, работилници, настани, манифестации за подигнување на свеста кај луѓето за сите состојби и болести.
Многу испитувања кај лицата со ретки болести не се прават во државата или, пак, се многу скапи. Колку е важна раната детекција на болеста?
НЕВЧЕВСКА: Ретка болест, честа болест, тешка или лесна… од настинка до канцер, една особеност е главна, тоа е раната детекција. Раната детекција е клучна за натамошниот развој на болеста или состојбата кај едно лице. Колку што порано детектираме, веднаш интервенираме и почнуваме со работа и со соодветна терапија или третман. Со рана детекција секако дека ќе има подобри резултати за одредената болест/состојба. Во нашата држава сѐ уште нема центри за рана детекција на ретки болести или одредени состојби, како што се и первазивните развојни нарушувања, кои заземаат сѐ поголем размер од година во година.
Има ли стручни лица да ги протолкуваат резултатите од испитувањата?
НЕВЧЕВСКА: Во ниеден случај не смееме да навлегуваме во шпекулативни води во кои со една генерализација ќе ја доведеме во сомнеж стручноста на медицинскиот персонал. Постојат ли стручни новинари да ги протолкуваат општествените феномени во кои живееме? Во секоја област постојат стручни лица што работат на своето поле каде што прават испитувањата и ќе се дојде до резултати, но важно е што следи откако ќе ги добиеме резултатите. Кога станува збор за первазивните развојни нарушувања, потребен е мултидисциплинирен тим што ќе работи со детето, но и со целото семејство. Стручните лица што ќе ги следат развојот и состојбата на детето ќе поставуваат реални очекувања, кои ќе се постигнуваат, и границата ќе се подига. Понатаму, особено кога станува збор за ретките болести, постојано во светот се наоѓаат нови моменти, кои помагаат, ја ублажуваат или ја подобруваат состојбата. А, светот денеска и не е толку далеку, барем во полето на комуникациите.
Возможно ли е со кампањи да се подигне свеста кај луѓето за овие деца со ретки болести да не бидат обележани и отфрлени од општеството, односно да имаме реално место фиктивно вклучување во образованието?
НЕВЧЕВСКА: Обележаноста, етикетирањето, отфрлањето, стравот и срамот од болеста/состојбата се потешки и од самата болест. Додека за болеста постои третман, за „заболеното општество“ сѐ уште не е најден универзален ефикасен лек. Во Република Македонија огромна е потребата од кампањи, постојани настапи, работилници, настани, манифестации за подигнување на свеста кај луѓето за сите состојби и болести. Сѐ уште е срам да се има дете со ретка болест или со посебни потреби, сѐ уште се кријат овие деца, а родителите и семејствата се осудувани, дискриминирани и ставени на маргините од нашето општество. И не може да се фрли вината само на семејствата, ако повторно го погледнеме системот. Од една страна, постои вклученост само во неколку училишта, а од друга страна имаме училишта и општини, но и градови во кои нема дефектолози и стручни лица што ќе работат со децата во училиштата и со родителите. Голема е потребата од дефектолози, односно специјални едукатори, а со тоа здружување и заемна соработка на родителите и на стручните лица. Со цел подигнување на свеста кај луѓето за лицата со ретки болести и со посебни потреби кај нас почна да се одбележуваат 28 февруари – Светски ден на лица со ретки болести, 21 март – Светски де на Даунов синдром, 2 април – Светски ден на аутизам, 15 ноември – Светски ден на слепи лица, 3 декември – Светски ден на лица со посебни потреби. Овие кампањи се голем напредок, луѓето слушаат и гледаат дека сите сме различни, но сепак еднакви. Преку овие настани се зголемува свеста кај луѓето постепено, никој не е имун на ниту една болест, ниту, пак, состојба.
Неодамна, првпат во Македонија беше формиран Регистар за ретки болести во Македонија. Како треба да им помогне на пациентите, но и на нивните родители?
НЕВЧЕВСКА: Во Македонија има 124 пациенти со ретки болести. Регистриранисе сите болести во кои има помалку од 15 заболени во земјата. Во регистарот се евидентирани само пациенти што се државјани на Македонија. Најголем број од нив се деца. На одделот за генетика во Клиниката за детски болести, најмалку еднаш месечно децата со ретки болести одат да ја примат неопходната терапија. Со утврдување на регистарот следниот чекор е распишување тендер за набавка на потребната терапија. Родителите веќе нема да продаваат куќи и станови за да ги купат скапите лекови. Со владина одлука, еден денар од секоја кутија цигари оди во фонд за ретките болести. Родителите и децата меѓу себе ќе се запознаат, ќе го споделат своето искуство, меѓусебно ќе си помогнат. Формирањето на регистарот за ретки болести е прв и успешен чекор, кој ќе понуди полесен и побрз пристап до информации.
Има ли точна бројка во Македонија на деца што имаат аутизам?
НЕВЧЕВСКА: Во Македонија сѐ уште нема точна бројка на деца што имаат аутизам. Неофицијално, се смета дека има околу 3.000-4.000 деца со аутистичен спектар на нарушувања. Според Светската здравствена организација (СЗО) едно на 68 деца има аутистичен спектар на нарушувања. Но не станува збор само за аутизам, треба да говориме за первазивните развојни нарушувања, аутистичниот спектар на нарушувања, кои се сѐ почести. Зборуваме за Аспергеров синдром – високофункционален аутизам, АДХД (attention deficit hyperactivity disorder) односно хиперактивност, која сѐ почесто се забележува на нашите простори, потоа станува збор за „елементи“ на аутизам, исто така присутни во нашето општество, во нашето секојдневие, невидливо за нашите очи. Многу често родителите не можат да ја прифатат состојбата на своето дете, чекаат време детето да порасне, да помине одредената состојба и потоа живеат во негација, па и одрекување и игнорирање на состојбата на своето дете. Не ги носат во соодветни здравствени установи, во центри за ментално здравје, каде што состојбата на детето ќе се детектира и ќе се интервенира, колку што порано ќе се почне со соодветен третман ќе има подобри резултати.
Каков кадар (лекари, психолози, дефектолози) треба да биде вклучен во третманот на лицата што имаат аутизам?
НЕВЧЕВСКА: Аутизмот, аутистичниот спектар на нарушувања бара мултидисциплинарен пристап. Следење на состојбата од педијатар, дефектолог, логопед, невропсихијатар, психолог и социјален работник. Тим што постојано ќе биде со родителите и ќе ја следи состојбата на детето. Првите знаци на аутизам најчесто се појавуваат пред детето да наврши три години, иако, можеби, состојбата се дијагностицира подоцна. Тоа што е карактеристично кај оваа состојба е тоа што родителите на почетокот забележуваат дека нивното дете не го развива говорот и не реагира кон другите луѓе како неговите врсници. Децата што имаат знаци на аутизам не го развиваат говорот нормално и изгледа како да не слушаат, иако на тестовите за слух наодите се нормални. Аутизмот е развоен проблем, нема постигнување една одредена цел и да се заврши следењето. Постојана работа со детето, но и со родителите, психолошка поддршка и советување како да го прифатат детето со аутизам, да го насочуваат и воспитуваат. Потребна е целосна соработка на семејството со стручниот тим. Исто така, важна е и социјалната поддршка, да размислуваме кои социјални вештини ќе ги користиме во комуникацијата. Потребни се обиди, вежби, многу труд, трпение, многу љубов и работа. Резултатот ќе дојде. За време на работата со дете со аутизам или аутистичен спектар на нарушувања ќе се вклучат и родителите и стручните лица, но не заборавајте да ги исклучите телевизорот, компјутерот и таблетот. Да не се остава детето само пред телевизор подолго време, постојано да се настојува да се воспоставува контакт со очите додека се зборува и целосно вклучување на детето во секојдневните активности на семејството, односно соодветна социјализација.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст