Московскиот аеродром „Шереметјево“, како и многу други меѓународни аеродроми, е фреквентно и безбедно место. Има шест терминали, четири ресторани „Бургер кинг“, продавници во кои се продава кавијар без царински трошоци и лавина од анонимни патувачи кои влегуваат или излегуваат, но во никој случај не планираат да останат таму долго. Меѓутоа, летото во 2013 година аеродромот речиси шест недели беше дом за двајца бегалци – Едвард Сноуден, разузнавач на НСА кој штотуку имаше обелоденето цела експлозивна ризница строго доверливи документи на Владата на САД, и 31-годишната Британка Сара Харисон, која беше опишана како правен истражувач вработена во електронската организација „Викиликс“.
Вистински шпионски роман – разузнавач-отпадник во бегство со мистериозна русокоса. Сноуден помина неколку недели во Хонг Конг, додека неговите откритија за владино прислушување ги преплавуваа светските медиуми. Откако САД на 14 јуни го обвинија за шпионажа, налог за екстрадиција експресно беше испратен до Хонг Конг. Но, стигна предоцна. Пред и да стигнат да го притворат, Едвард Сноуден – воден од Сара Харисон – молчешкум се качи на авион за Москва и исчезна.
Трагата им се губи на „Шереметјево“. Не се во хотелот на терминалот, ниту, пак, се качиле на летот за Хавана за кој имале купено карти, од каде што, наводно, требало да пребегнат во Јужна Америка. Во меѓувреме, САД го откажаа пасошот на Сноуден. Се зборуваше дека најбараниот човек на светот бил заглавен во транзитната зона на аеродромот бидејќи не можел да ја напушти Русија, а без виза – не можел ни да остане во неа.
– Сара не дозволува заплашувањата да ѝ влијаат на одлуките. Ако некој се обиде да ја присили да избира меѓу газењето на сопствените принципи или да биде спалена на клада, мислам дека таа сама ќе му подаде кибрит – изјави Сноуден.
Во фамата околу Сноуден, мистериозната Сара Харисон помина речиси незабележана. Во шпекулативен напис, „Вашингтон пост“ тврдеше дека таа е производ од луксузно училиште со интернат и дека еден период му била девојка на Џулијан Асанж, контроверзниот Австралијанец што ја основа „Викиликс“. Според стари фотографии од нејзиното досие, таа е исклучително привлечна жена, со долга, малку кадрава коса и блескава насмевка со ретки заби.

Ако задачата ѝ била да го чува Сноуден на тајно и на безбедно место, маестрално си ја исполнила обврската. Успеаја 39 дена да кампуваат во транзитната зона на аеродромот измамувајќи толпа новинари кои ги бараа. Телевизиски екипи патролираа низ рестораните и низ салоните во кои се плаќа за влез. Новинарите цедеа секакви можни информации од вработените на аеродромот, што се сведуваше речиси на ништо.
По 18 часа на ден останувам на аеродромот во делот по пасошка контрола и безбедносните прегледи за да го барам Сноуден. И цело време се плашам дека баш кога среде ноќ нема да сум таму, тој ќе се појави…, напиша на својот блог вработен на „Еј-Би-Си њуз“ една недела среде потрагата.
А, на 1 август 2013 година, Сноуден токму тоа и го направи. Со срамежлив и блед изглед, се довлечка од еден ходник и излезе од „Шереметјево“ – доби една година азил во Русија. Со него беа полничкиот московски адвокат што му помогна околу барањето за азил и Харисон, која на себе имаше хеланки, црна маица и широка насмевка. Каде и како престојувале на аеродромот, останува тајна. Следните три недели, Харисон остана со Сноуден во Москва, а живееја на тајна локација пред таа без многу фама да се пресели во Берлин кон крајот на 2013 година откако нејзините адвокати ја советувале да не се враќа во Обединетото Кралство, каде што би можела да биде гонета за тероризам.
Некои би рекле дека Харисон можеше да даде ексклузивно интервју на телевизија или да напише книга за тоа како била сведок на сето тоа и го спровела Сноуден низ најопасната игра и правен пекол во поновата историја. Но, таа не направи ништо од тоа. Остана мошне тивка и продолжи да си работи за „Викиликс“. Излезе дека Харисон е многу, многу внимателна за тоа што ќе каже. За да ја слушнете нејзината приказна, ќе мора да ја најдете.
Првпат се сретнав со Харисон едно доцно ноемвриско попладне во кафетерија во централен Берлин. Носеше избледени фармерки, кожена јакна и жолтокафеави чизми. Седеше на мала маса надвор со шолја топло кафе, отпорна на студениот воздух. Има големи јаболчици, длабоки сини очи, кадрава руса коса, фатена со шнола. Се смее често и гласно, што е малку изненадувачки затоа што често зборува за сериозни теми, како што се владино прислушување и слобода на информации.
Ни беа потребни месеци за да ја договориме средбата. Харисон, чијашто работа протресе влади и влијае на светски настани, не е леснодостапна. На веб-страницата на „Викиликс“ нема информации за контакт со неа, а работната позиција ѝ гласи „истражувачки уредник“. Таа е и еден од основоположниците и директор на фондацијата „Храброст“ – организација за заштита на луѓе што издаваат тајни информации, но и таму нема адреса од нејзината електронска пошта. Нема профили на „Твитер“, „Фејсбук“ и на „Линкд ин“, ниту, пак, има телефон. На крај, успеав да стапам во контакт со неа преку заеднички познајник, кој се согласи да препрати електронска порака, па така и продолжи комуникацијата.
Кога веќе бевме лице в лице, љубезно ме замоли две работи: да не именувам на кои места сме се среќавале и да не откривам каква марка компјутер користи бидејќи ќе биде полесна цел на хакери. Ми објасни дека местата на кои излегува ги посетуваат и други активисти на берлинските движења за приватност и граѓански слободи или „сноуденисти“, како што ги нарекува, и Лаура Поитрас, чијшто документарен филм „Граѓанинот Четири“ доби „Оскар“ за најдобар документарен филм. Во овој тесен круг на луѓе сите се чуваат еден со друг.

Харисон се насмевнува знаејќи дека може да звучи малку параноично. Веќе ги научила нејзините родители и блиски пријатели како да пишуваат кодирани електронски пораки. А, бидејќи мобилниот телефон може да биде искористен да ја следат, таа со години нема телефон и е навикната да живее без него. Не верува дека постојано ја следат, но со оглед на нејзината поврзаност со Сноуден, кој се товари за многу кривични дела во САД, и нејзината работа за „Викиликс“, вели дека е свесна оти е предмет на интерес на државни разузнавачки агенции.
Нејзината работа бара крајно внимание и силни нерви. Поголем дел од нејзиното време е насочено кон проверка на автентичноста на документите кои пристигнуваат во „Викиликс“ и пишување извештаи за нивната содржина, кои се објавуваат на веб-страницата со добиените материјали. Објавувањето такви документи е деликатно и контроверзно бидејќи разоткрива многу нешта – од човечки жртви во Ирак до политиката на САД за затвореници во затворот „Гвантанамо“ и детали за атентаторските програми на ЦИА.
Многу нешта укажуваат дека Харисон е родена за оваа работа. Како дете, полиците со книги ѝ биле организирани по азбучен ред и категорија. Уште како мала била смела во политиката – на осум години испратила писмо до тогашниот британски премиер Џон Мејџор предложувајќи начини за справување со бездомниците (добива писмо со пријателски тон како одговор). Ќерка е на директор на малопродажна индустрија и на лектор. Средно образование завршува во приватно училиште во Кент, а факултет во Лондон, со големи паузи во меѓувреме за да патува низ Азија и Австралија работејќи како келнерка и хонорарец за да се издржува. Токму со патувањето ги видела нееднаквостите во светот и ѝ се родила желбата да промени нешто. Во 2008 година тргнува на практика во Лондон во непрофитен Центар за истражувачко новинарство, а набрзо се истакнува како надарен истражувач.
Кога Џулијан Асанж во 2010 година оди во Англија и контактира со директорот на Центарот за да побара помош во архивирањето на 75.000 документи од војната во Авганистан, Харисон веднаш се пријавува како доброволец. Двонеделната работа прераснува во постојано вработување. За Асанж, таа станува незаменлив човек од доверба и негова десна рака.
Иако некои велат дека биле и во љубовна врска, Харисон ниту потврдува ниту, пак, одрекува.
– Никогаш не сме коментирале за тоа – вели таа, со мала доза скаменетост.
Признава дека начинот на кој ја опишуваа медиумите – ученичка, придружничка и љубовница – ѝ бил и забавен и навредлив. Имаше наводи дека му ја перела облеката на Асанж додека престојувал во Англија, а со нејзиниот ведар дух и моќна насмевка го смекнувала неговиот бодлив однос со новинарите. Кога Харисон се појави рамо до рамо со Едвард Сноуден во Москва, еден италијански весник запраша дали таа би можела да биде Мата Хари на 21 век.
– Мислам дека поради недостигот од информации, единствен начин медиумите да ме опишат беше ако ме идентификуваат според човекот со којшто работев. И понекогаш беа преостри во тоа – со леснотија вели Харисон.
Харисон сега како да живее двоен живот во префинет дел на источен Берлин, приклештена меѓу модерниот урбан центар и бетонските станбени згради, остаток од сталинистичката ера. Сè уште е страстен читател, обожавателка на Мураками, а од неодамна почнала да чита и романи за францускиот отпор. Навечер оди на јога или се среќава со пријатели, но најголемиот дел од денот го поминува сама дома, пред компјутер. Со Асанж редовно комуницираат за професионални потреби иако се немаат видено речиси две години. Движењето на двајцата им е ограничено. Харисон не планира да се врати во Англија додека не се променат законите за тероризам. Во меѓувреме, Асанж две години го бараа за испрашување во Шведска поради обвиненија за сексуален напад на две жени за време на неговиот престој таму во 2010 година, веднаш по запознавањето со Харисон. Асанж, против кого не се поднесени кривични обвиненија, упорно изјавува дека наводите се лажни и дека се дел од голем заговор за нанесување штета на неговата репутација. За Харисон, случајот е „длабоко исполитизиран“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


