Македонија доби уште еден ендемски вид политичари. Стана единствената земја во светот во која домашните политиканти за да станат политичари тргуваат ни помалку ни повеќе, туку со името на државата?! Уникатноста на земјата ја дополнува и пазарењето со националноста, но и фактот дека во неа се станува лидер на опозиција со антинационално дејствување, а мера за успешноста и за подобноста за функцијата претставува степенот на еластичност на лидеровиот ’рбет. Колку што е неговата „кичма“ поеластична и подобро се витка, толку повеќе симпатии ќе освои од странците, а таа „симпатија“ е сразмерно пропорционална со помошта (читај снимки) што истиот тој лик ќе ја добие од нив за да дојде на власт. По ова следува оддолжувањето кон добродетелите, а крајниот резултат е познат… Во светот свитливоста на ’рбетот е доблест за работа во стариот, добар циркус, а во Македонија предиспозиција за ролја во современиот опозициски циркус. Секако, ова треба да е во вашите гени, зачинето со вродена понизност кон меѓународната заедница, а со тоа и кон албанскиот блок партии и слабост кон територијални поделби, измеќарлак, менување национални симболи пред светот и домашна осуда на казни за хулигани што кршат судови поради пресуди за терористи што убиваат момчиња на Велигден.
И додека едни тргуваа со името и со националноста, воопшто не би било чудно, истовремено, други да тргувале со јазикот, трети со територијата, четврти, пак, со македонскиот воздух, макар и загаден. Колку да се продава нешто, нели, само да е македонско. Во оваа земја одамна ништо не се исклучува, особено имајќи предвид дека сме сведоци на светска премиера – пазар со името, воден од самобендисаниот „патриот“, кој се обиде на оваа карта да биде катализатор во победата на СДСМ врз ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година. Којзнае како ќе се викавме досега…
Рецептот на тогашните „патриоти“, измешани со „државотворци“, барем за нив, бил едноставен, јасен и одличен. Бошковски требало добро да „нагази“ и да ги ќари незадоволните, вистински патриоти и да ги додаде на сметката на СДСМ, секако, сето тоа естетски „прошарано“ со по некој новинар од ергелата на Рамковски. А целиот тој маркетинг и финансии за успешна презентација на лажната прикаска, обезбедени со „само“ едно име. Проблемот настана и во слабиот имунитет на напатените „државотворци“ од толку години безвластност, кои поради тоа се заразија од „патриотизмот“ на нивниот „обединет“ партнер. Така, тие влегоа во самозамислена, „патриотска“ мисија за спас на државата од режимот, кој, реално, не постоеше, освен во нивните глави. Нејсе што не им „стоеше“ да спасуваат нешто, макар и татковината, која во моментот имаше потреба од сѐ – работни места, инвестиции, влез во НАТО, патишта, датум за преговори со ЕУ, подобро образование, но не и од нивната божествена или странска интервенција, која ја оддалечи истата таа татковина од сите вистински потребни нешта.
Отскочната штица наречена име?!
При презентацијата на снимките од „Јутјуб“ , за кои „независните“ пера дигнаа врева само за потеклото, занемарувајќи ја целосно нивната скандалозна и бесрамна содржина, народот се праша една работа. Зар го продал името за 70.000 евра? Или за сто? Ова беше основниот муабет што се вртеше по македонските кооперации и пошироко. Луѓето не можеа да сфатат колку ниско паднал Бошкоски, но забораваа на една работа. Овие релативно мали суми беа само влог во нешто многу, многу поголемо. Името беше само „отскочна штица“. Со добиените пари од Грција се трасираше патот кон добивање на власта, која погрешно користена носи милиони. Овој мотив го споделуваа и неговите „државотворни“ партнери, факт што ја оправдува нивната мака и желба за владеење. Примерот за „доходовноста“ на владеењето го имаат кај своите претходници од партијата, кои имаа чест да владеат 15 години. И да ги партизираат судството, образованието, полицијата и целата администрација. Во меѓувреме, аргументите за „доходовноста“ на владеењето се очекуваат од швајцарската ХСБЦ. Можноста сето тоа да се направи повторно, по цена на „само“ едно име, некому и не изгледала страшно. Замислете ја само идната димензија на сегашните тендери и кирии? И сето тоа под превезот на божемна борба за демократија.
Никовски: Крајно време е да се разбудиме. Во спротивно…
Меѓусебните поделби и доминацијата на личните и на други потесни интереси над националните е, за жал, некаква македонска тажна историска прикаска, вели поранешниот амбасадор и државен секретар во МНР, Ристо Никовски. Гледаме дека и во 21 век – таа сѐ уште не е надмината, посочува тој, а денес, подготвеноста да го виткаш ’рбетот на сметка на долгорочните стратегиски интереси на сопствената држава и народ, а сѐ со цел да ги задоволиш сопствените и партиските амбиции, и заради некакви наметнати странски интереси, е многу повеќе од предавничко однесување.
НИКОВСКИ: Тоа е и срамно, недостојно, недоветно, неодговорно, кукавичко, понижувачко… И уште какво не третирање на самиот себе и на сопствениот народ. Токму такви личности и политички врвови имаме во одредени партии и крајно време е сите тие што побргу да заминат на ѓубриштето од историјата. Тоа не им гине. Народот никогаш не им простува на таквите ама кај нас ем ги има премногу, ем се прегласни, преагресивни и подготвени на сѐ, само за да ја земат власта и да ги реализираат нечесните замисли. Воопшто не смееме да бидеме наивни и да веруваме дека сите овие појави на нашата политичка сцена се автохтони и без мешања од надвор. Веднаш по распадот на Југославија, сите позначајни тајни служби се масовно присутни кај нас, имаат неограничени фондови на располагање и одврзани раце да ги реализираат целите и интересите на сопствените држави. И, како што велат: каде што не дупчи бургија, пробива парата. Така – многубројни „личности“ и појави на домашната политичка сцена добиваат логично објаснување. Доказ за тоа се и (скоро!) идентичните „факти“ и „аргументи“ што ги користат против избраната власт и нашите „стручњаци“, како и странците. Сосема случајно.
Сепак, доколку некој и победи на избори со ваква агенда, за со тоа да дојде на чекор до исполнување на ветувањата за промена на името, националноста, јазикот – дали позицијата на „држење“ на власта може да му обезбеди таква комоција за да решава за вакви свети работи? Кој и да е, ќе му помине ли кај народот вакво нешто или, сепак, ќе биде казнет токму од истиот тој народ за таквата безобразна идеја? Никовски верува дека таквите авантури никогаш нема да поминат кај, од многумина, потценетиот македонски народ.
НИКОВСКИ: За наша голема среќа, сите вакви авантури и политички манипулации и злоупотреби – подметнати, стимулирани и/или платени од надвор, немаат никаква перспектива. Зачудува дури и фактот што странците играат на нивна карта. Сосема погрешно, тие сметаат дека нашиот народ е трпелив, толерантен и дека е подготвен сѐ да проголта. Ама, за среќа, не е така. Сите тие, во основата позитивни карактеристики, имаат своја граница и црвена линија. Ако Вашингтон и Брисел, потпомогнати од „нашата“ петта колона, не дотераат до капитулација – горко ќе зажалат. Ќе нѐ вратат во времето на балканските војни, што ќе значи крај на мирот во Европа. Уверен сум дека нема да го дозволат тоа. Сметам дека, сепак, тие само продолжуваат се тестирање на нашата издржливост – за да видат до каде можат да одат. Останува да се надеваме дека наскоро ќе станат свесни за својата погрешна политика. Меѓутоа, за да се дојде до тоа и ние мораме и добро, и навреме да изиграме. Топката е веќе од поодамна кај нас. Поточно, по Букурешт 2008 година. Крајно време е да се разбудиме. Во спротивно…
Македонија – земјата во која службите се снимаат само себеси
Државотворците осмислија и нов тертип на работа на домашните служби. Благодарение на нив, Македонија повторно беше единствена во нешто – земја во која службите се снимаат самите себе и, секако, најчесто своите надредени, а политичките противници ги снимаат само кога зборуваат со своите деца и даваат интервјуа?! Недостигаше само телефонска снимка од лидерот Заев како, со треперлив, соблазен глас дава илјадници евра за хумани цели. И така, целата македонска јавност очекуваше дека пратениците на опозицијата, која не стапна во парламентот, ќе даде барем по една плата за поплавените, само една од десетте земени без работа, следејќи го примерот на доблесниот Иван Стиљковиќ, но попусто… Демократите, опиени од сопствените бомби, само ламентираа зошто никој не ги исчистил каналите. Заслужените плати на квазипоклониците на Че Гевара останаа на сигурно, в џеб. И парите од киријата, секако…
Опозициското дејствување и „бомбите“ македонските драматурзи ги сместија во категоријата водвиљ, весела комедија заснована на комичноста, која цели да ги забавува гледачите. Сепак, сатирата во „бомбата“ и пародијата на службите и властите што се снимале самите себе, сѐ повеќе навлегува во жанрот на бурлеската, која своите хумористични ефекти ги произведува од нескладноста на темата и нејзиниот стилски третман. Токму т.н. „висока“ бурлеска користи висок, возвишен стил за претставување на тривијален предмет, како, на пример, „Битката на жабите и на глувците“, антички еп во кој банален настан е опишан со возвишен епски стил и техника. Во овој стил се и опозициските помпезно и трагично најавени „бомби“, во реалност петарди што својата најсилна детонација ја доживеаја со повратната експлозија предизвикана од дејствувањето на Љубе Бошкоски. А трите дена за оставка на владата поминаа многу одамна. Или, можеби, лидерот мислел на три години? Се збунил, нели. Повторно препознатливата лидерска лапсус лингва.
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 130. број на неделникот „Република“, 27.02.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.