Користејќи го насловот на легендарниот филм на режисерот Волфганг Петерсон, во кој главниот јунак Клинт Иствуд се обидува да не ја повтори грешката поради која бил убиен американскиот претседател Кенеди, државниот секретар на САД, Џон Кери, испраќа неколку пораки до своите партнери во регионот. Меѓу нив е и Македонија. Говорејќи пред Поткомитетот на американскиот сенат, кој треба да одобри пари за американските не-воени операции во странство, државниот секретар отворено ни порача дека сме предмет на битка меѓу двете суперсили. Во исто време призна дека гори на линијата на фронтот и дека некој на таа линија може да изгори ако американските сенатори не одобрат пари за акциите на Стејт департментот во странство. Најстрашната од оваа група пораки е таа дека меѓу Вашингтон и Москва има оган и дека сите што ќе се најдат на таа линија се во опасност. Тие пораки може да се добијат доколку се следат само написите за настапот на Кери во македонските, српските и во руските медиуми. Ако, пак, се оди подлабоко и изворно се слушнат излагањето на Кери и одговорите што тој ги дава на дел од сенаторите на т.н. сослушување во Сенатот, ќе се препознаат уште неколку пораки. Првата и најважна е дека САД не се залагаат за односи во еден правец со сите земји на линијата на огнот. Говорејќи за Украина, првиот американски дипломат ја открива стратегијата на неговата влада според која Вашингтон се залага за односи на Киев и со Европската унија и со Царинската заедница на земјите од поранешниот советски блок. Ако тоа важи и за Македонија и ако Кери ја говори вистината во Сенатот, за што не треба да има дилема, всушност, САД ѝ порачуваат на Македонија дека нема никаков проблем да се залагаме за влез во НАТО и во ЕУ, а во исто време да соработуваме со Русија во енергетскиот сектор или на други полиња од заеднички интерес. Втората порака што произлегува од делот на говорот што не се однесува на линијата на огнот открива дека Америка е голема земја која го води светот, но дека за да го прави тоа што треба да се прави, ѝ се потребни пари. Кери вели дека без соодветна поддршка од Сенатот, администрацијата на Обама ќе нема средства да се бори против Русија затоа што не може да се бори со тероризмот, да помага во бизнисот, да креира работни места, да го олеснува патувањето. Притоа Кери се жали дека еден процент од американскиот буџет наменет за странски операции е премалку за САД да се одржат на лидерската позиција во светот.
Ако може да се интерпретира слободно американската стратегија со која настапуваат кон земји како Македонија, тогаш може да се заклучи дека САД се обидуваат да нè извлечат од руското влијание со помошта што се дава за едукација и за изградба на слободни демократски општества кои ќе го заменат вакуумот и ќе ги избркаат екстремистите како Путин, ИСИЛ и други. Ако врз основа на изјавата на Кери се погледне мапата, ќе се види дека фразата „линија на огнот“ не е само хипотетична категорија каде што може да се теоретизира до бескрај, туку дека таа линија, освен Косово, има географска, политичка, социјална, историска, па и религиска заднина. Од Македонија преку Србија, Црна Гора и преку Молдавија сè до Грузија, се работи за земји што се сиромашни, свртени кон НАТО без право да членуваат, православни и сите имаат солидни односи со Русија. Всушност, тие се наоѓаат на границата меѓу Западот и Русија и затоа ја добиле таа застрашувачка позиција во судирот меѓу САД и Русија. Пораката на Кери доаѓа една недела по договорот што го направија рускиот претседател Владимир Путин и унгарскиот претседател Виктор Орбан, според кого рускиот гас преку Турција треба да продолжи кон Македонија, Србија и да стигне до Унгарија.
„Турски тек“ носи нови предизвици
За Европа не постои линија на огнот, но постои енергетска битка со Русија. Пораката на Џон Кери дојде само два дена пред Европската комисија да го најави концептот за енергетска унија составена од членките на ЕУ. Со него ЕУ планира да им се спротивстави на засега успешните акции на Русија за доминација на енергетскиот пазар. Според заменик-претседателот на Европската комисија и комесар за прашањата на енергетиката, Марош Шефчович, енергетската унија ќе може да ја заштити ЕУ од речиси монополската улога на Русија. Планот, кој се најавува како најамбициозен од формирањето на Заедницата за јаглен и челик во педесеттите години на минатиот век, засега има неколку пречки. Не сите земји се согласуваат со тоа Брисел да одлучува за енергетската политика. Покрај Унгарија, која сама преговара за текот на рускиот гас преку линијата на огнот, најверојатно ќе се противи и Германија која засега сама се договара со Москва по која цена и под кои услови ќе добива речиси 40 проценти од енергетските потреби. ЕУ, која сега се бори против монополот на пазарот од руски производители, кои во исто време се и дистрибутери, планира со поврзување на националните енергетски пазари да ги диктира условите под кои ќе се продаваат рускиот гас и нафта во Европа. Во проектот се предлага сите гасни договори со набавувачи надвор од ЕУ, вклучувајќи и билатерални договори меѓу европски компании и „Газпром“, да бидат усогласени со Брисел. Рускиот концерн контролира речиси 70 проценти од увозот на гас во ЕУ или речиси една третина од потребниот за Унијата, а работи претежно со долгорочни договори, од кои последните истекуваат во 2030 година. Колку таа најава на Брисел може да биде реална покажува и информацијата што на истиот ден кога во Брисел беше промовирана идејата за енергетска унија Москва најави дека би можела да го запре гас кој оди за Европа преку Украина доколку во најскоро време владата во Киев не ги плати долговите за претходните години. Европската комисија, повикувајќи се на антимонополската политика која мора да ја почитуваат и земји како Македонија иако не се членки, беше против изградбата на проектот „Јужен тек“. Засега сè уште нема официјална реакција од Брисел за новиот проект „Турски тек“, кој треба да минува преку Македонија и Србија за да стигне во Будимпешта. Дури ни традиционално антируското Косово не ја отфрли можноста да биде приклучено на овој проект, кој овозможува мала енергетска независност, но и други видови независност за земјите од т.н. линија на огнот, од што најверојатно се плашат и ЕУ и САД.
(Текст објавен во 130. број на неделникот Република, 27.02.2015)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.