| четврток, 6 декември 2018 |

Поранешен муџахедин тврди: БиХ беше училиште за лидери на Ал Каеда

54f6f0f3-8680-4117-b6c0-2d84b0094cfb-aimen-dean-718x446Некогашниот основач на Ал Каеда и терорист, а денес разузнавач за британските служби МИ5 и МИ6, Саудиецот Ајмен Дин, за радио „Би-Би-Си“ откри дека БиХ била легло за таленти кои ги врбувала терористичката мрежа. Дин во опширното интервју објаснува дека по 1998 година, кога побегнал од Ал Каеда и се свртел кон борба против тероризмот, исцртал шема на функционирање на терористите кои некогаш ги водеше Осама бин Ладен и открил дека значителен број луѓе од врвот на пирамидата се бореле во БиХ за време на војната. Познато е дека странските борци во БиХ служеле во одредот Ел Муџахид.

Во тоа време Дин бил тинејџер. Со пријателот Халид ел Хаџи, кој подоцна станал лидер на Ал Каеда во Саудиска Арабија, решил да се приклучи на муџахедините во Босна.

– Тоа беше искуство што ми ги отвори очите – вели тој не криејќи дека се плашел од непознатото.

– Наеднаш се најдов на некој рид во Босна со пушка АК-47. Имав чувство дека учествувам во пишување на историјата. Во камповите за обука учевме воени тактики и воени маневри. А бев заедно со луѓе од други националности кои имаа еден заеднички фактор – сите беа муслимани. И сите беа тука да учествуваат во џихад за да се одбрани босанскиот народ.

Овој Саудиец објаснува како муџахединот се помирил со идејата дека може да умре и дека сакал да биде „маченик“.

– Пред крајот на војната во БиХ почнав да забележувам нешто меѓу соборците. Тие што преживеаја, почнаа да усвојуваат антизападни чувства дека меѓународната заедница подготвува заговор против муслиманите во БиХ и дека ја извртуваат нивната победа. Така барем се чинеше. Поради тоа. почнаа да чувствуваат дека Западот се бори против исламот како религија. Тоа доведе до дополнителна радикализација, па лесно им беше да се трасформираат од муџахедини во џихадисти – објаснува тој и јасно потенцира дека БиХ била училиште во кое биле родени многу талентирани лидери на Ал Каеда. Еден од нив, Халид Шеик Мухамед, е обвинет дека ги осмислил нападите на САД од 11 септември.

– Во тоа време мислев дека тој во БиХ дојде за да најде таленти кои може да ги искористи подоцна во акции – вели Дин за „Би-Би-Си“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top