| четврток, 6 декември 2018 |

Започна судскиот процес за нападите на Бостонскиот маратон

maraton

Со воведните излагања на Обвинителството и одбраната денеска во Бостон започна судскиот процес против Џохар Царнаев, кој е обвинет за нападите за време на Бостонскиот маратон на 15 април 2013 година, при што загинаа три лица, а 264 беа ранети.

Според обвинителниот акт, 21-годишниот Џохар Царнаев се товари дека заедно со неговиот постар брат Тамерлан ги извршил нападите. Тој, исто така, е обвинет и за убиство на полициајци за време на полициската акција за апсење на двајцата напаѓачи, при која беше убиен Тамерлан Царнаев.

Меѓу присутните во судницата беа 20-тина од повредените, како и родителите на осумгодишниот Мартин Ричард, кој беше убиен при нападите.

– Царанев ја поставил бомбата до група деца. Некои од нив искрварија до смрт, додека обвинетиот бегаше од местото на злосторството – изјави обвинителот Вилијам Вајнреб во воведното излагање.

Според обвинителот, Царнаев биле радикализиран со идеите на исламскиот екстремизам и мислел дека си „обезбедил место во рајот“ со тоа што убил Американци.

Одбраната на Царнаев тврдеше дека тој бил заведен од неговиот постар брат.

– Ниту сега, ниту во која друга фаза од процесот нема да ја занемариме одговорноста на Џохар за овој случај. Но, Тамерлан бил опседнат од радикалниот ислам. Тамерлан бил тој кој самиот се радикализирал, а Џохар само го следел – изјави адвокатката Џуди Кларк, додавајќи дека нападите претставуваат „апсурдни, ужасни и заблудени постапки на двајцата браќа, во кои животите ги загубија три лица“.

Експерите проценуваат дека процесот против Царнаев ќе трае три до четири месеци. Доколку биде прогласен за виновен, Царнаев може да добие смртна казна.

Чеченецот Џохар Црнаев живее во САД од 2002 година, а во 2012 добил американско државјанство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top