Црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ изјави дека Црна Гора сигурно чекори кон Европската унија и НАТО, а поканата за НАТО, како што вели, ќе се добие кон крајот на годината.
Тој, меѓутоа, не е задоволен од темпото на развој во Црна Гора која и натаму заостанува зад Европа и оценува дека овој јаз може да се премости со паметно унапредување на деловниот амбиент, со користење на позитивните искуства и капитал.
Ѓукановиќ смета дека на Црна Гора и се потребни реномирани странски деловни партнери.
– Не сум задоволен со темпото на развој во Црна Гора, и чашата секогаш ја гледам како полупразна. Стапката на раст е недоволна, ние и натаму заостануваме зад Европа што е последица на заостанувањето на Балканот, но можеме да кажеме дека сме на добар пат – истакна Ѓукановиќ на собирот што го организира Американската стопанска комора во Црна Гора под насловот „Отворено со премиерот“.
Според негова оценка, невработеноста е најтешкиот социјален проблем на кој земјата му е многу посветена.
Премиерот зборуваше и за владеење на правото, како еден од клучните предизвици, истакнувајќи дека неговото потенцирање не е императив што се наметнува, туку внатрешна потреба.
Ѓукановиќ рече и дека нема економски развој без развој на инфраструктурата, како и дека „ покрај долгиот соживот на Балканот ние не се познаваме доволно, па затоа мораме да се поврзуваме, а тоа најдобро може да се реализира со помош на инфраструктурата“.
Црногорскиот премиер заклучи дека Црна Гора е атрактивна дестинација за инвестиции, но и дека се уште доста работи треба да се направат во отстранување на бизнис бариерите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.