| четврток, 6 декември 2018 |

Во време на строги пости, македонските маркети мрсното го продаваат како посно

4F0A2063668D2C428F3B40268EE5BADDМаркетите продаваат „посни“ производи што содржат казеин и сурутка во прав. Потрошувачите не знаат дека овие две компоненти имаат животинско потекло и дека се, практично, измамени.

За време на велигденските пости под ознака „посно“ на рафтовите се нуди храна што содржи млеко, желатин од животинско потекло, свинска маст и други мрсни состојки.

Според стручњаците, за посни производи се сметаат тие во кои млечните масти се заменети со растителни, но токму тука е манипулацијата.

– Производите што содржат казеин или сурутка (во прав) воопшто не се посни бидејќи потеклото на овие две компоненти е животинско. Точно дека од млекото се одделува млечната маст и таа се заменува со растителна, но казеинот останува, и затоа производот не може и не треба да се декларира како растителен, уште помалку како посен. Слично е и со сурутката – објаснува за МИА доц. д-р Наташа Дуброва Матева од Институтот за сточарство.

Сурутката, нагласува Матева, е исклучително здрава, има висока хранлива вредност, ја забрзува дигестијата, ама е со животинско потекло.

Организацијата на потрошувачи (ОПМ) ја квалификува продажбата на божем посни производи како нечесна пазарна практика.

– И минатата година ова време, пред големите празници, реагиравме до Агенцијата за храна. Побаравме јасно да се разграничат растителните од животинските производи во маркетите, а посните да се повлечат ако содржат и најмалку состојки што се „мрсни“ – нагласува претседател на ОПМ Маријана Лончар.

ОПМ апелира потрошувачите повеќе да внимаваат при купувањето и секогаш да ги читаат декларациите.

Тие што постат треба да се информираат и за храната што ја консумираат во рестораните и сендвичарите, а се нуди како посна имајќи предвид дека може да биде подготвена на места и во садови во кои се готват и продукти од животинско потекло.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top