| четврток, 6 декември 2018 |

Стартува проектот за обука на македонски лекари во реномираната индиска болница „Аполо“

indijapretstavnicii11
Владата на Република Македонија и реномираната индиска групација на болници „Аполо“ потпишаа меморандум за соработка во областа на медицината.

Договорот, кој беше потпишан од македонскиот амбасадор во Индија, Тони Атанасовски, и финансискиот директор на „Аполо“, Ени Мари Монкури, предвидува македонски доктори да одат на обука во Индија, каде што ќе бидат обучувани за најнови методи и техники во одделни медицински области.

По потпишувањето на меморандумот, финансискиот директор на „Аполо“, Ени Мари Монкури, го истакна задоволството од почнатата соработка.

– Болниците „Аполо“ се горди што имаат можност да потпишат меморандум за соработка со Македонија. Реформите што ги прави Владата во целиот систем, вклучително и здравствената заштита, дозволуваат да се има платформа да се прошируваме и растеме заедно. Се радуваме што продолжуваме да работиме и овозможуваме здравствена заштита низ целиот свет – изјави Мари по потпишувањето на меморандумот.

Предвидено е во текот на оваа година две групи доктори од Македонија да престојуваат во посета на болниците „Аполо“, од кои првата група треба да замине во текот на втората половина од април, а втората група по завршувањето на летниот период. Првата група лекари кои ќе ја поминат обуката за усовршување ќе биде составена од 7 лица, и тоа по двајца инфектолози и дерматолози, и по еден онколог, анестезиолог и доктор по физикална медицина.

– Лекарите ќе престојуваат во болниците „Аполо“ два до три месеци. Ова е добра можност за стекнување напредни знаења и затоа ги повикуваме сите заинтересирани доктори да се јават во Министерството за здравство со свои апликации и да се стекнат со можноста да бидат селектирани и да бидат дел од групата која ќе биде обучувана – изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Групацијата „Аполо“ е најголемиот медицински центар во Индија, кој поседува 50 болници и опслужува 1.500 пациенти дневно. Групацијата е лидер во хирургијата и трансплантацијата. Процедурите за воспоставување на соработката беа почнати при посетата на премиерот Груевски на Индија во јануари оваа година.

– Остваривме средба со компанија која ги има најсилните и најдобрите болници овде во Индија. Тоа е компанија која во Индија се занимава и со спа-центри. Нивните болници имаат највисоки достигнувања и највисока соработка со најпознатите болници во светот во областа на медицината и во различни области кои се поврзани со роботиката во медицината – изјави премиерот Груевски по средбата со менаџерскиот тим на болницата „Аполо“ во јануари оваа година.

Ова е дел од проектот на Владата за размена на медицински кадар и обука во странство со цел зајакнување на капацитетите на македонското јавно здравство, низ кој досега над 1.000 лекари беа испратени на напредни обуки во странски здравствени центри.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top