Одбраната на поранешниот соработник на американската Агенција за национална безбедност (НСА), Едвард Сноуден, работи на правни аспекти за негово враќање во САД, изјави адвокатот на Сноуден, Анатолиј Кучерена, јави ТАСС, пренесе МИА.
Тој заедно со група правници од други држави го разгледува тоа прашање. Сноуден има привремен азил во Русија, но не планира да остане во земјата, изјави неговиот адвокат, додавајќи дека Сноуден е подготвен да се врати во САД доколку добие гаранција за непристрасност на судот против него.
Кучерена изјави дека добил писмо од главниот обвинител на САД, во кое се изразува уверување дека, во случај на враќање во САД, Сноуден нема да добие смртна казна.
Во САД се покренати обвиненија против Сноуден за објавување тајни информации откако пред две години изнесе документи за масовно следење на електронската комуникација на НСА. Сноуден првично избега од САД во Хонгконг, а потоа мина еден месец во транзитниот дел на аеродромот „Шереметјево“ во Москва. Руските власти првично му дадоа привремен азил до 1 август 2014 година, а потоа и тригодишна дозвола за престој во земјата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.