Собранието на Драмскиот аматерски фестивал (ДАФ) на Македонија, во Кочани викендов го одржа редовното годишно собрание на кое е прифатен извештајот за одржувањето на јубилејниот 50-ти ДАФ минатата година.
– Педесетото јубилејно издание на ДАФ на Македонија заслужува висока оценка, пред се во однос на квалитетот на претставите, како и на сите аспекти од организациски карактер, истакна Емил Рубен, претседател на собранието на фестивалот.
Од придружните содржини реализирани на јубилејниот фестивал, подвлече тој, собранието ја издвои изложбата на документи и фотографии од архивата на ДАФ насловена „напред кон минатото“.
Најави и излегување од печат на Монографијата „Вертикали“ што ја работат истакнатиот театарски критичар и театаролог Иван Ивановски и извршниот директор на ДАФ Благој Пенов.
Инаку, интересот за учество на 51-от ДАФ во Кочани е голем како од страна на домашни, така и на драмски групи од странство.
Годинава ДАФ ќе се одржи од 25 до 30 мај во Кочани во националната установа Центар за култура „Бели мугри“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.