| четврток, 6 декември 2018 |

Нови четири мерки за кредитирање нови работни места и самовработување

спасов2

 Четири мерки за кредитирање за отворање нови работни места и за поттикнување на самовработувањето и на формирањето сопствени бизниси во Република Македонија промовираа денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски.

Овие мерки, истакна министерот Спасов, се реализираат од 2008 година и имаат голема успешност, голем процент на сè уште вработени лица аплицирале и учествувале во искористувањето на овие мерки.

– Приоритет на Владата е отворање нови работни места за невработените лица, особено за младите лица до 29 години. Токму поради тоа, дизајниравме две посебни мерки за кредитирање, односно кредитирање за отворање сопствен бизнис за млади лица до 29 години и кредитирање микро и мали компании за отворање нови работни места за млади лица до 29 години. Отворени се огласите и сите заинтересирани можат да аплицираат – рече Спасов.

Појасни дека за мерката самовработување со кредитирање за млади лица до 29 години, може да искористат до 7.000 евра за самовработување за подносителот односно кредитобарателот доколку е младо лице до 29 години и дополнителни 4.000 евра за секое ново вработување во вкупен износ до 23.000 евра во денарска противвредност за отворање сопствен бизнис и за вработување плус четири невработени лица.

Грејс-периодот што е определен, нагласи, е значително зголемен за младите лица, односно изнесува една и пол година и плус пет и пол години рок за отплата, односно вкупен рок за отплата од седум години со каматна стапка од само еден  процент.

– Исто така предвидуваме и посебна мерка за отворање нови работни места односно за стимулирање на создавањето нови работни места за млади лица до 29 години во микро и мали компании. Сите заинтересирани приватни компании можат да аплицираат за оваа мерка и да искористат финансиски средства во износ од 4.000 евра за секое ново отворено работно место, до три работни места односно во вкупен износ од 12.000 евра со грејс период од една година и две години рок за отплата со каматна стапка од 1 процент – потенцира Спасов.

Сите овие четири мерки кои ги објавуваме денеска и кои се реализираат изминатиот период, посочи министерот, резултираат со навистина значителен број постигнати вработувања односно вкупно постигнати вработувања 4.179 од кои лица кои се уште се со статус вработени – 3.828 лица се се уште на работа додека пак за младите лица се постигнати вработувања од 1.338, а се уште се на работа 1.318 од почетокот на реализацијата на оваа мерка односно од 2007 до крајот на 2014 година.

Укажа дека би сакал да ги поттикне сите приватни компании, микро и мали компании кои се заинтересирани да отворат нови работни места, да ја искористат оваа поволна можност односно поволни кредити за стимулирање на отворањето работни места за дополнителни финансиски средства и сите заинтересирани млади лица за самовработување и за отворање сопствен бизнис да ја искористат оваа можност од 7.000 евра до 23.000 евра да земат во вид на кредит со каматна стапка од 1 процент и една и пол година грејс период и седум години рок на враќање.

Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски рече дека ова е трет оглас за оваа година од кредитирање, а од денеска секој прв понеделник во месецот ќе излегува огласот, ќе трае 10 работни дена и сите заинтересирани кои нема да успеат во овој рок да се пријават во наредните 10 дена, ќе можат наредниот месец да поднесат апликација.

– Покрај младите ние ги тангираме сите други невработени лица кои сакаат да отворат сопствен бизнис, да се самовработат или да бидат вработени во компанија која има потреба од такво вработување. Разликата меѓу младите и за сите останати невработени е во тоа што средствата се лимитирани во два типа – за мал бизнис и за голем бизнис. За мал бизнис носителот може да добие 3.000, односно да се здружат до три лица и да добијат 9.000 евра на еден проект и имаат една година грејс период и две години за враќање – рече Поповски.

Доколку се работи за поголем бизнис или производство, појасни, тогаш носителот може да подигне 5.000 евра, да се здружат до пет лица и да земат околу 17.000 евра, средства под многу поволни услови со една година грејс период и четири години за враќање на парите, а каматата во сите случаи е 1 процент. Посочи дека средства не се даваат туку така, и дека во банката треба да се вложи гаранција која е по многу поволни услови, значи хипотека во вредност 1:1, жирант кој ќе ги покрие месечните ануитети или пак рачна залога во износ 2:1 на средствата кои треба да се подигнат.

Поповски рече дека за компаниите кои сакаат да вработат постари лица има можност за вработување до три лица, а единствена разлика е што за овие лица даваат само 3.000 евра дополнителни средства односно само 3.000 евра по лице.

– Значи за три лица 9.000 евра со една година грејс период, две години за враќање и 1 процент годишна камата. Огласите ќе бидат цела година, со тоа што ќе имаме пауза во август. Секој заинтересиран кој сега не е подготвен може во секој месец наредниот период да се пријави и да поднесе апликација која е многу едноставна, ја има на нашиот портал во огласи за активни мерки, ги имаме примерокот, урнекот како се прави бизнис планот. За она што не е јасно може да ги прашаат вработените во центрите за вработување, ја има апликацијата и мини бизнис планот како треба да се направи – додаде Поповски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top