| четврток, 6 декември 2018 |

Морничава наука од Нанџинг

Политика – Белград

Кој ќе дојде во Нанџик или Нанкинг, како што често го нарекуваат странците, Кинезите неизбежно го носат да го посети Меморијалниот центар Џангдунгмен за да му ја покажат грозоморната приказна што се случувало тука таа проклета зима во 1037 година кога јапонската свирепост ја надминала фантазијата. Џангдунгмен мора да се види за да се извлече морничавата поука, велат Кинезите.

За само неколку недели јапонските војници во походот на Нанџинг масакрирале 300.000 кинески цивили. Кога завршиле, како што велат кинеските историчари, не биле потребни чамци да се премине реката Јангце, можело да се оди по трупови. Едни историчари тврдат дека јапонските војници тогаш биле на работ на нервен слом поради замор, глад и страв, додека други сметаат дека тоа било едноставно производ на тогашното болно јапонско царство гладно за моќ.

Во време на јапонската окупација злогласната Единица 731 извршила масакри во селата на Кина во Втората светска војна и тоа со биолошко оружје, тогаш за прв пат употребено во светот. – Тогаш биле усмртени над 700.000 луѓе – пишува Данијел Баренблат во книгата Чума на човештвото, која често се цитира кога ќе се спомнат јапонските злосторства во Кина.

Баренблат го следи развојот на јапонското биолошко оружје од 1931 до 1945 година и примената на научните достигнувања на луѓето и останатиот жив свет по зафрлените села во Кина. Припадниците на тајната јапонска армиска единица тогаш го испитувале дејството на чумата, тифусот, антраксот и колерата. Фрлале предизвикувачи на тие болести од авион по кинеските села, или ги додавале во храната која таму ја доставувале, како и во водоводната мрежа, се наведува во книгата.

За јапонската програма на биолошкото оружје сведочи и авторката Ирис Чанг во книгата Силувањето на Нанџинг, која ја истражува бруталната јапонска окупација на тој град во источна Кина кон крајот на 30-тите години од минатиот век. – Јапонската програма на биолошкото оружје кое било применувано во Кина, била прва научно организирана употреба на микроби во историјата на војувањето – вели Чанг.

Јапонскиот масакр во Нанџинг е најкрвава приказна во кинеската историја, сметаат Кинезите. Затоа во сите нанџиншки ресторани во менијата нема ни суши, а нема ни супа.

Нанџинг денес има статус на престолнина во најбројната кинеска провинција Џијангсу (80 милиони жители). Овој град од осум милиони жители одамна е познат по разнобојното свилено цвеќе, направено на филигрански начин. Овој велеград има квадратна форма и се наоѓа на местото на кое провинцијата Џијангсу се спојува со четирите провинции Хубеја, Хунан, Анхиуји и Џечијанг, заземајќи важна стратешка положба. Нанџинг претставува мешавина на древна и модерна Кина. Го опкружува Ѕидот Минга, најдолг градски ѕид на светот 32 километри, додека во градското подрачје се наоѓаат неколку супер модерни економски зони, со многу изградени фабрики.

Нанџинг има древна историја долга 2.000 години. Бил престолнина во шест династии од Источен Чин до подоцнежната Танг династија. Кога Кинезите зборуваат за минатото на Нанџинг, често го употребуваат изразот убавина на шест династии.

Во време на Источен Чин од 317 до 420 година, Кинезите масовно почнале да се доселуваат од северниот дел во Нанџинг. Тоа била прва голема миграција на населението во кинеската историја, кога рамниците на долниот и средниот тек на реката Јангце биле претворени во богата област.

Нанџинг бил и престолнина на Република Кина, под власта на Куоминтангот, во два наврати до 1949 година кога кинеските комунисти, под водство на Мао Це Тунг, се вратиле во престолнината во Пекинг.

Во подножјето на Пурпурната планина Циџинг, на периферијата на Нанџинг се наоѓа мавзолејот Сун Јатсен, на славниот водач кој ја симнал последната кинеска династија Џинг (1644-1911) и ја основал Република Кина. Кинеските лидери денес го нарекуваат Сун голем пионер на демократската револуција.

Нанџинг на кинески јазик значи Јужна престолнина, додека Бејџинг како што Кинезите го нарекуваат Пекинг, значи Северна престолнина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top