| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Идентитетот и јазикот се неразделив дел од човековата личност и од слободата на изразување

иванов

Обединетите нации не можат и не смеат да си дозволат да бидат рамнодушни на кршењето на човековите права и правата на човековото достоинство. На светот му е потребен Совет кој ќе дејствува превентивно, а не само реактивно и чиишто ставови ќе имаат серозни импликации кон сите држави кои не ги почитуваат. Повикуваме политиката и моќта да ги тргнат рацете од овој Совет за да може да превенира, а не само постфестум да констатира, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во обраќањето на Високиот сегмент на Советот за човекови права на ОН.

Живееме, рече македонскиот претседател, во ерата на човековите права, а сведоци сме на нивно кршење, декларативно се залагаме за неотуѓивото право на човековото достоинство, а дозволуваме да се негира правото на самоидентификација, без кое нема ниту интегритет на човековата личкност, ниту човеково достоинство.

– Се повикуваме на Меѓународната повелба за човековите права, а дозволуваме да се крши меѓународното право, резолуциите на ОН, пресудите на Меѓународниот суд на правдата. Денес, додека мојата земја Република Македонија членува во Советот за човекови права, моите сограѓани се соочуваат со негирање на нивното право на идентитет и јазик. Истиот македонски јазик на кој сега ви се обраќам. Овие две права се неразделив дел од човековата личност и од слободата на изразување. За овие права никој никогаш не прави компромис – рече македонскиот претседател.

Според него, недозволиво е да се дебатира за човековите права за слободата на мислата, совеста и религијата, а поединци и групи со затворени умови посегнуваат по слободата и животите на луѓето чијашто единствена вина е поинаквото убедување, исто како што е недозволиво да се зборува за еднаквост на различностите, а тие да бидат нападнати.

Ако досега беше потребна и доволна толеранцијата, потенцира македонскиот претседател, отсега ни е потребен повозвишен стандард што ќе овозможи поуспешно соочување со предизвиците од будењето на идентитетите.

-На западот се разви концепт на толеранција. Во Македонија пак применуваме нешто што е повеќе од толерирањето, а тоа е почитувањето и прифаќањето на различноста. Разликата меѓу двата концепта е суштинска бидејќи се толерира она што се мора, а се почитува она што се сака. Додека толеранцијата е еднонасочен, почитувањето и прифаќањето се двонасочен процес – рече претседателот Иванов.

Со Високиот сегмент денеска започна 28-та сесија на Советот за човекови права на Обединетите нации, која ќе се одржува во наредните четири недели. На денешниот сегмент покрај претседателот Иванов учествуваат повеќе други претставници на земјите членки. Денеска во рамките на Сегментот на високо ниво на Советот за човекови права е предвидено да остварииИ средба со претседавачот на Советот за човекови права Јоаким Рукер, високиот комесар за човекови права на ОН Зеид Раад ал Хусеин, се генералниот директор на ОН во Женева Мајкл Молер, како и со генералниот директор на меѓународната организација за миграција Вилијам Лејси Свинг.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top