| четврток, 6 декември 2018 |

Брисел уште го чека барањето од Македонија за помош за поплавите

poplavi-10

Европската комисија денеска уште еднаш порача дека очекува официјално барање од македонските власти, со процена на штетите и потребите, со цел официјален Брисел да ѝ помогне на Република Македонија за санација на штетите од поплавите. Портпаролката на Еврокомисијата, Маја Коцијанчич, во изјава за дописникот на МИА потенцира дека Македонија не ги исполнува условите да аплицира за средства од Фондот за солидарност на Европската унија, и дека ЕК сѐ уште нема добиено барање од државните органи за помош од Механизмот за цивилна заштита на ЕУ.

– Ако добиеме такво барање, тогаш ќе ја испитаме можноста за обезбедување поддршка што може да ја обезбедиме. Вицепремиерот Бесими ни напиша, за да побара поддршка во рамки на Инструментот за претпристапна помош (ИПА) за финансирање и сугерираше дека тоа би можело да биде она што се нарекува „пренасочување“ на веќе донесена одлука за финансирање. Тој, исто така, разговараше за ова со комесарот Хан минатата недела. Но, пред да се донесе каква било одлука, првиот чекор е да се изврши процена на штетите од страна на земјата, како и на потребите. Ние разбравме дека оваа процена е започната – истакна Коцијанчич.
Овој став од неформалната Влада на ЕУ доаѓа по реакциите дека Комисијата досега веќе испрати помош во вредност од 118.000 евра за Албанија, со цел санација на штетите од поплавите, додека за Македонија, која има идентичен статус на земја-кандидат за члеснтво во Унијата, сѐ уште не помогнала. Сепак, во  Брисел уверуваат дека кога макеоднските власти ќе испратат официјално барање со точна процена на штетите и потребите, дека ќе обезбедат помош и за нашата земја.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top