| четврток, 6 декември 2018 |

Луначек: Го поддржувам проширувањето на ЕУ

Ulrike Lunacek

Потпретседателката на Европскиот парламент Улрике Луначек изјави денеска дека го поддржува проширувањето на ЕУ, наспроти заморот што постои и кај населението и кај владите на многу земји-членки на Унијата, пренесе Танјуг.

Луначек за српскиот весник „Курир“ вели дека стремежот на целокупниот Западен Балкан кон демократска, политичка, социјална и економска стабилност, е главната цел на процесот на проширување.

– Без интеграција на сите држави од Западен Балкан, мировниот проект на ЕУ нема да биде целосен – додаде Луначек.

Таа, во интервју за српски „Курир“ истакна оти ја поттикнува посветеноста на српската Влада во процесот на европските интеграции, како и на Србија да продолжи систематски со социо-економските и правосудни реформи, вклучувајќи ја и борбата против корупцијата.

Луначек оцени дека нормализираните односи со Косово и на крајот и признавањето на Косово ќе бидат услов за влез на Србија во ЕУ, истакнувајќи дека за такво нешто не постои никаков документ, но оти тоа е „политички консензус“.

– ЕУ веќе никогаш нема да прифати нова членка која нема јасно одредени и меѓународно признаени граници, како што стори со Кипар – рече таа“.

На прашањето дали очекува разјаснување на случајот со трговијата со човечки органи на Косово, Луначек одговори потврдно, напоменувајќи оти обвиненијата се тешки и оти јавноста бара да знае што е вистина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top