Изработката на накит од неодамна стана Ваше секојдневие. Како дојдовте на идеја да го работите ова?
-Желбата и умеењето постои од многу одамна, а почнав случајно по наговор на домашните пред речиси две години. Почнав со обични модели кои умеев да ги направам во тоа време, како разни герданчиња, белезици итн, но бидејќи сакам модерен накит мојата љубопитност се повеќе растеше за се посовремени и посложени модели од ден во ден. Се случуваше навечер да не можам да заспијам кога ќе замислам некој модел и да станам да го нацртам за да не го заборава, следниот ден.
По професија академски образуван пејач, настапувате во хорот на македонската опера, но и позната блогерка за модни детали, стилски комбинации…Љубовта кон естетиката или кон модните парчиња VS класичната музика? Што преовладува?
-Да, по професија сум дипломиран оперски пејач кој работи повеќе од десет години во Македонската опера и балет во хорот и си ја обожувам работата. Сметам дека ја имам најубавата професија на светот! Моден блог имав во еден период, но бидејќи ми одзема многу време прекинав со тој ангажман. Едноставно надвладеа изработката на накит која во моментов ми е примарна. Љубовта кон естетиката и модните парчиња наспроти класичната музика…кај мене се е некако поврзано во едно наречено ЉУБОВ. Не можам ништо да одделам. Музиката е мое секојдневие и живот, естетиката е нешто без кое не можам. Тоа едноставно е нераскинлива врска.
На Василичарски концерт неколку од изведувачите носеа накит кој Вие рачно го изработувате. Кажете ни за какви парчиња станува збор и кои ѕвезди ги носеа?
-Секоја година традиционално во Македонската опера и балет се одржува Василичарскиот концерт на кој сметам дека секој кој држи до себе треба да присуствува. На мое задоволство годинава Маја Гроздановска-Панчева носеше белезица која јас ја изработив, а инаку многу беше нарачувана кај мене. Инаку, досега сум соработувала со Сања Лефкова која ја претставуваше Македонија на еден фестивал во Турција. Таа подоцна и на „Макфест“ носеше накит со мојот потпис. Во моментов соработувам со Анастазија Петреска, ќерката на Наум Петрески, потоа манекенката Маја Ристеска, Зои Блаж носи мој накит на настапите, фото-сесиите и на нејзините видео-записи. Отворена сум за соработка, секој што ќе пројави интересирање со задоволство ги прифаќам идеите.
Соработувате со повеќе музички и актерски ѕвезди. Може ли наскоро да очекуваме промоција на линија на „Русевска дизајн“ или можеби студио каде ќе се продаваат парчињата накит кои ги изработувате, со оглед на тоа дека досега се продаваат он-лајн?
-Првата мини-линија излезе пред Нова година и таа беше претставена со фото-сесија во која Сара од „Зачувај момент“ и „Бадев-мејк-ап“ совршено ја завршија работата. Подготвувам нешто ново за во пролет, кое е малку потешко за изработка и поспецифично, но се надевам пријатно ќе ги изненадам моите следбеници. Засега он-лајн продажбата останува, а за студио…се надевам дека еден ден и тоа ќе го реализирам.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.