Професорот Иван Бабаноски, поранешен шеф на Службата за државна безбедност, во своето двотомно дело „Новинари и репортери како шпиони“, објавено неодамна, поддржано со факти и цитати, ја покажува поврзаноста меѓу овие две професии, и како начин на работа и како можност за добра „маска“. Бабановски околу раширеноста на разузнавачките мрежи вели дека американската ЦИА и германската БНД се особено активни на Балканот. Во делото на професорот и кадар на СДСМ ( кој својата политичко партиска определеност не ја крие ниту во оваа книга) додава неколку факти околу странските дописници- шпиони, постојани или периодични, но и посочува на добро развиена мрежа на домашни новинари во служба на странските служби. И тоа, оценува Бабановски „не секогаш за пари“. Како најдобро распространета шпионска мрежа, а потврдено со изјави на поранешни челни луѓе во разузнавачките служби, ги посочува агенцијата „Ројтерс“, па „Радио Слободна Европа“, па гранките на британскиот „Би-Би-Си“, американскиот „Си-Ен-Ен“.
Како опис на тоа колку ваквата поставеност на странските служби во светот е активна, Бабановски наведува дека повеќе од 450.000 невладини организации финансирани од западните специјални служби, меѓу кои и медиуми и медиумски работници, работеле во Русија до преземањето на контролата на државата од Владимир Путин, политичар што потекнува од разузнавачките служби. Бројката во Македонија, според Бабамовски, е од шест илјади до 11.000 невладини организации и хуманитарни организации од кои некои исклучително се финансирани од странски извори, што, според него, е „солидна база за сигнализирање“.
За домашните врбувани новинари, Бабановски вели дека се одлично третирани од амбасадите на земјите за чиишто служби работат, а и дека основната работа не е само да прибираат информации за нив, туку и да добиваат информации што во одреден момент треба да ги пласираат.
Пресликано во актуелниот момент во Македонија, веста за која штабот на СДСМ преку своите дежурни лица на социјалните мрежи ја пренесе дека е „главна вест во светот“, беше информацијата од „Ројтерс“ за обвинувањата од Зоран Заев за прислушување. Во овој случај, составот на информацијата не зависи само од домашниот известувач, туку и од редакторот во агенцијата – а под вестите се наведени двете имиња. Во „потрагата по демократија во Македонија и борбата против режимот“ новинарите во македонското биро на „Радио Слободна Европа“отворено и без никаква отстапка ги поддржуваат, најавуваат, поттикнуваат и директно учествуваат во сите акти за изразување протест против актуелната власт. Во таа насока, според признанието на директорот Владимир Милчин, работат и десетината медиуми контролирани од Фондацијата Отворено општество.
Порталот „Ленка“ (ленка.мк) пренесува истражување за Сорос. Така се наведува дека зад Фондацијата се крие финансирање политика со која потоа би се обезбедило обезвреднување на државата и отворање можност за финансиски малверзации.
Меѓу кандидатите за наследник на Владимир Милчин како распределувач на парите од оваа фондација во Македонија е Гордан Георгиев, доскорешен висок функционер во СДСМ. Покрај десетината медиуми што во Македонија се финансирани од оваа Фондација, нејзини пари од централата и од одделни седишта низ Балканот се донираат и за невладината Балканска истражувачка мрежа (БИРН). Пари за оваа програма наменета за развој на слободата на говор, демократски вредности и човекови права стигаат и од неколку амбасади, на пример од американската, британската, холандската и од норвешката, како и директно од министерства за надворешни работи, на пример, повторно, од британското, норвешкото и од холандското.
Да се вратиме на книгата на Бабановски. Уште во првите 50-ина страници на ова дело е наведен еден интересен момент. Пишувајќи за 70-тите и за 80-тите години на минатиот век и за странските разузнавачи-новинари во СФРЈ, Бабановски на две страници пишува за постојаната дописничка од Белград Рут Грубер за агенцијата УПИ (Јунајтед прес интернешнел). Таа во 1981 година заминува во Варшава, но Полска една година подоцна ја протерува поради непријателска дејност. Бабановски вели дека нејзините извештаи биле коректни, освен во делот за југословенско- бугарските односи. Наведувала дека се води „неразумна кампања“ во југословенските медиуми против Бугарија. Според неа, „Бугарите морале да се бранат бидејќи Македонците и Бугарите се припадници на исто словенско племе“. Таа се повикувала на документи од Бугарската академија на науки, а нејзините симпатии кон Бугарија се должат и на блискоста и, веројатно, на изворот за ваквите ставови, бугарскиот новинар- дописник од Белград Горан Готев, за кој таа додава дека има „добри контакти со бугарската амбасада во Белград“.
Фактот што не е наведен во книгата е дека синот на Горан Готев, Георги Готев, е човекот што денеска ја води агенцијата „Еурактив“, агенција што лиферува анализи во чијшто фокус треба да се Европската унија и европските вредности. Готев помладиот, покрај талентот за пишување, од својот татко ги наследува и ставовите за Македонците и нив јавно ги изразува. Од неодамна за „Еурактив“, во седиштето во Брисел, работи поранешна македонска дописничка од Брисел, во чиишто извештаи доминираа ставовите на сестринските партии на СДСМ.
Шпионската мрежа на Заев
Ако анализата и сведочењето на Иван Бабановски ја дава врската меѓу новинарството и шпионажата, ред е да се погледне како СДСМ доаѓа до шпионската мрежа. Во акцијата „Пуч“ е приведен поранешниот прв човек на македонското разузнавање Зоран Верушевски. Писмото пишувано на рака, чијашто автентичност ја потврди и Зоран Заев, воопшто не може да се образложи толку наивно „човекот е за грев, без плата четири месеци, му барав работа во странство, преку премиер од сестринска партија“. Не е само прашањето што би работел поранешниот разузнавач во странство, туку и целата содржина на писмото открива многу поголеми дејства. Тука би ги изоставиле десетиците мобилни телефони и другите докази, за што истрагата и судскиот процес треба да дадат одговор зошто биле потребни.
Но не е само Верушевски тој што има допирна точка со разузнавањето и со шпионските мрежи во СДСМ. Ако добро го погледнете амбиентот на прес-конференциите на Заев, само во неговата заднина има три лица тесно поврзани со разузнавачки служби или воделе разузнавачки служби. Не смее да се заборават Миле Зечевиќ, Кире Наумов, како и Стево Пендаровски, кој како советник за национална безбедност под себе ги имаше агенциите за контраразузнавање и военото разузнавање. Секако, не смее да се изуми и дека амбасадорот Виктор Димовски беше разрешен од претседателот Ѓорѓе Иванов во 2009 година, откако се дозна дека додека е на функција директор на Агенцијата за разузнавање беше избран во раководните органи на СДСМ.
Не смее да се заборави ни фактот дека покрај главната четворка осомничена во „Пуч“, по неколку дена се приведени и двајца други, едниот поранешен, а другиот сѐ уште активно вработен во службите. Иако извртувачите од опозицијата сакаа тоа да го прикажат дека, всушност, ги докажува нивните изјави дека „Заев се обидел пред Груевски да го скрие изворот, па посочил дека материјалите се од странски служби, а, всушност, ги добил од домашни патриоти“, исто како и во случајот со новинарите, поранешните разузнавачи за „Република“ посочуваат дека странските мрежи имаат обработено внатрешни соработници во домашните служби. Дали тие биле незадоволни од актуелниот статус, дали за пари, агенциите си имаат свои методи за врбување. Исто како, впрочем, и во политичките структури во државите што се цел на обработка.
Гласен или тивок „пуч“?
Поранешниот директор на УДБА на СФРЈ, Божидар Спасиќ, вели дека е, дека е обид за тивок државен удар, со уцени и притисок, без вклученост на полицијата и на војската да се преземе власта. Тоа е, вели, познат метод што се применува во светот.
– Заев тука нема моќ, тука е само за да ѝ ги презентира информациите на јавноста, зад тоа стои некој друг, или нечиј економски или политички интерес. Но, операцијата може да се изведе само со помош на домашни служби. Издвоени делови од македонските разузнавачи учествувале во ова – оценува поранешниот разузнавач Спасиќ за „Република“.
За опсервација е однесувањето на СДСМ и на поддржувачите на социјалните мрежи и на контролираните медиуми. Нивниот фокус, исто како фокусот на Заев, воопшто не е на прашањето дали целата афера ќе придонесе за нови избори. Сега се заговара едноставна замена на власта. Се оди до толку далеку дека „оваа корумпирана власт не смее да организира избори“, па се поминува преку поранешното барање за „техничка власт, која би ги организирала“ и се оди најдалеку – попис во државата, потоа чистење на избирачкиот список, па дури потоа нови избори. До тогаш- актуелната власт, избрана на демократски избори, треба „да си замине“!?
Откако јавноста внимателно ги прима информациите објавени од СДСМ, особено по низата контрадикторни изјави на Заев, рејтингот на СДСМ не го доби посакуваното ниво. Математиката вели дека за да може на евентуални избори да формира влада со коалицирање со албански партнер, на Заев му недостига уште многу. Затоа, пак, ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште ја ужива добиената висока поддршка. Токму затоа е и паниката на поддржувачите на Заев, кои знаат дека ако математиката не се совпаѓа, центарот на моќ што го контролира Заев, едноставно, ќе се повлече од играта.
СДСМ затоа превентивно јавно се сврти кон меѓународната заедница, од таму да дошле да го сменат Груевски, да организираат избори, да му помогнат на Заев во неговата борба за власт. Сѐ на сѐ, и јавно се бара и повикува странска интервенција за смена на легитимно избрана и признаена власт од странство со поддршка на домашната опозиција. Индиректно – пуч!
Во очекување дека меѓународната заедница, сепак (како што и се случи до пишување на овој текст), ќе бара враќање во институциите и нивно легитимирање од опозицијата, СДСМ внимателно, со избрани парчиња на „плеј листата“, упатува пораки „видете, еве доказ за тоа дека судството и медиумите се корумпирани“.
За текстот на пораката напишана на рака, „Република“ побара мислење од неколку домашни и странски разузнавачи за тоа: „Што може да работи поранешен директор на разузнавачка служба во странство?“ Одговорот од сите е единствен. „Ништо“, со забелешка: „Единствено што може да направи во странство е, по потреба, да служи да пренесе информации на нивните служби“.
Прашањето „зошто“ е клучно
Многумина отвораат серија прашања со „зошто“. Зошто власта би се прислушувала? Зошто и како токму Заев е „добитник“ на материјалите? Кој прислушувал, како се инсталирани прислушувањата во македонското разузнавање и телекомуникации? И на крајот, чуму се тоа?
Одговорот е едноставен, иако повеќеслоен. Тргајќи, на почеток од кариерата на Сорос, берзански манипулант, кој е познат дури и по девалвации и уривање на цели национални валути, како британската фунта или, на времето, италијанската лира, за што имаше и легитимни обвинувања во Рим, се смести во Источна Европа, во новите демократии девастирајќи ги економиите и вадејќи ја „маста“ од економските малверзации.
Пресликано на домашен терен, накратко, по заемите од Сорос за владата на СДСМ, македонската економија доживеа катаклизма, по која следуваа низа криминални приватизации. Не е далеку ни 2001 година, година кога македонската економија доживува најголем пораст. И тогаш СДСМ е во опозиција и се појавува аферата „Големото уво“. Случајот никогаш не е расчистен, а заврши со воени дејства и со враќање на СДСМ на власт. Нема потреба да се навраќаме на најголемиот „бонбона-бизнис“ на СДСМ.
Ако се земат предвид актуелните одговори на македонската економија и забележителниот пораст, не е далеку повторно да се во игра други туѓи „бонбона-бизниси“. Секако, во преден план се и меѓународните прегрупирања. Рускиот нов гасовод , кинеските инвестиции во инфраструктурата, со отворениот интерес за влегување на странски капитал во државата, не одат рака под рака со европските притисоци за прашањето за името – „сега или колапс“. Притоа и Грција не е многу заинтересирана за европскиот финансиски притисок за штедење, наспроти „македонскиот“ концепт- со инвестирање да се гради порастот на БДП.
Секако, и Србија, која е на врата на ЕУ и на НАТО, ја гледа економската слика за граѓаните. Не случајно во овие моменти целата српска влада дојде во Скопје за да каже дека „има многу да се учи од Македонија“. Западот, се чини, ја губи битката на Балканот, а ако на тоа се додаде и косовското бегање по секоја цена што подалеку од „западниот успешен демократски проект“ и неуспехот на експериментот Босна и Херцеговина, приказната за дестабилизација и за преземање на демократијата во Македонија добива сосема јасна слика.
(Пишува: Наум Стоилковски
Текст објавен во 129. број на неделникот „Република“, 20.02.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.