| четврток, 6 декември 2018 |

Германија повторно ќе ја печати Библијата на нацизмот

библија

Првпат по 75 години Германија ќе дозволи печатење на ново издание на книгата „Мојата борба“ („Mein Kampf“) на нацистичкиот диктарот Адолф Хитлер, јави дописникот на МИА од Берлин.

„Библијата на нацизмот“, како што се нарекува ова контроверзно дело кое беше идеолошка матрица за огромен број злосторства против човештвото во нацистичкиот Трет Рајх, досега можеше да се купи во САД и во други западни земји, но не и во Германија.

Таа со години беше забранувана поради стравот од враќање на поддршката за идеологијата за која се залагал Хитлер. Книгата, која германската еврејска заедница ја нарекува „најголемо зло“, излегува во време на засилен антисемитизам и зголемено ниво на национализам во Германија.

До декември минатата година авторските права за книгата ги имаше покраинската влада на Баварија која забрануваше нејзино печатење, но откако тие истекоа, нема правна пречка за објавување на делото уште наречено и „Водач за холокаустот“.

Хитлер ја напишал книгата во 1923 година додека бил во затвор по неуспешниот обид за државен удар. За време на Третиот Рајх книгата стана најпродавано дело во Германија, а била и бесплатно подарувана на секој германски војник и млади брачни двојки, со цел да се зголеми тиражот кој достигнал околу 10 милиони копии.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top