Голема руска компанија е заинтересирана да го купи Телеком Србија. Одлуката не е само економска, туку, пред сè, стратегиска, пишува српски „Блиц“. Според добро упатени извори на весникот, Американците нема да седат со скрстени раце, туку веќе подготвуваат одговор на обидот на Русите да го преземат телекомот во вид на контрапонуда за купување на српската компанија.
Сè уште не е познато преку која компанија Русија се обидува да го преземе националниот телефонски оператор. Засега се споменуваат неколку имиња.
Пред сè тука е „Гаспром телеком“, кој во 2012 година се обиде да влезе во регионот преку Словенија.
Во игра се и Милош Фридман, еден од најбогатите Руси и неговиот партнер Мехмет Карамехмет, инаку косопственици на руската „Алфа“, но и „Систем холдинг“, кој денес има мнозински пакет во најголемиот руски телеоператор МТС.
Русите, како што дознава „Блиц“, сметаат дека со купувањето на Телекомот на најдобар начин стратегиски ќе се позиционираат на подрачјата на западен Балкан.
– Со оглед на тоа дека се водат од стратешки интерес и цената за Телекомот може да биде поголема од онаа за која до сега се зборуваше. Русите со оваа аквизација ќе го покријат пазарот на поголемиот дел од просторите на поранешна Југославија – објаснува Блиц.
Како што тврди поранешната министерка за телекомуникации на Србија Александра Смиљаниќ, тој што го има Телекомот, тој има и контрола врз комуникациите во нашата земја.
– Освен профитот и големиот приход, потенцијалниот купувач на Телеком Србија би имал и предност да ја контролира целата комуникација во нашата земја. Низ инфраструктурата на Телеком се пренесуваат речиси сите информации во Србија. Телеком нуди IPTV сервис, така што во медиумска смисла е многу интересен затоа што е главен конкурент на кабелските оператори. Ова се причини поради кои не треба да се продаде – вели Смиљаниќ за „Блиц“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.