Италија во моментов е многу поизложена на ризик од напад од меѓународни терористи, изјави шефот на националната полиција Алесандро Панса, имајќи го предвид конфликтот во Либија, пренесе ДПА.
На парламентарното сослушување Панса изјави дека ризикот значително е зголемен затоа што „борбените зони се многу поблиску до Италија“ и соопшти дека е засилено обезбедувањето на аеродромот.
Шефот на полицијата изјави дека италијанските власти индиректно следат десетици осомничени радикални исламисти, кои се враќаат од конфликтните зони во Ирак и Сирија.
-Идентификувавме 60 странски борци и знаеме каде се. Петмина се Италијанци, двајца се со двојно државјанство, а другите се странци. Тие се следени и набљудувани од нашите разузнавачки служби”, рече Панса.
Во пропагандните пораки на екстремистичката група Исламска држава Италија и Ватикан многу често се споменуваат како цели. Италијанските медиуми претпоставуваат дека џихадистите можат да се сокријат меѓу мигрантите кои влегуваат во земјата од Либија, каде се активни радикалните милиции.
Панса изјави дека нема докази за овие претпоставки, но не ја исклучува можноста терористичките организации да се зафатиле со шверц на луѓе за одредена финансиска цел.
Тој потврди дека бројот на регистрирани мигранти кои минатата година со бродови пристигнале во Италија е досега незабележливо висок –
170.000 лица, и дополни дека „најмалку 120.000“ од нив се идентификувани.
Италија често пати е обвинувана дека намерно не ги регистрира сите пристигнати мигранти на нејзина територија и дека ги затвора очите пред нивните обиди да заминат во побогатите земји од северна Европа, забележа ДПА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.