На настава студентите ќе можат да се вратат од утре, на оние факултети каде што имаше комплетен бојкот на наставата.
– По вчерашата одржана средба во Ректоратот, на која присуствуваме, на Генералниот пленум одлучивме по постигнатиот договор да ја прекинеме нашата окупација и да ги ослободиме факултетите и тие да се вратат на формалната настава. Мора да се каже дека власта односно надлежните ретерираа во својот став и попуштија на нашите барања – изјави денеска Стефан Видиков, од Студентскиот пленум.
Посочи дека нивни претставници ќе учествуваат во изработката на новиот закон за високо образование.
– За надворешно тестирање разговаравме на средбата и ни беше ветено дека такво нешто ќе нема. Во тие работни групи ќе учествуваме и ние, и професорскиот пленум, и сенаторите чиј што заеднички став е дека нема да прифатиме никаква форма на надворешно тестирање односно нема да направиме никаква одредба којашто ќе регулира каков било вид на надворешно тестирање – изјави Видиков.
Ивана Туфегџиќ најави дека Студентскиот пленум ќе продолжи со свои активности во аулите на факултетите, каде што ќе останат плакатите, со алтернативните предавања, на кои ќе се зборува и за студентските барања, прашања и проблеми, оти подоцна ќе бидат пренесени како прашања во работните групи.
– Ова е еден нов концепт и методологија на работа каде конечно почнуваат студентите и професорите да го пишуваат законот кој нив го засега, а тоа е законот за високо образование – изјави Туфегџиќ.
Според неа, Студентскиот пленум сака да покаже дека креативноста што се роди на факултетите и алтернативните предавања треба да продолжат и кога ќе се донесе нов закон, бидејќи на студентите им фалело нешто повеќе од катедрите.
Туфегџиќ вели дека студентите нема да загубат од семестарот и испитите, имајќи предвид дека беше и испитна сесија и оти ќе постои договор за тоа како ќе бидат надокнадени предавањата и испитите.
Финалната верзија на предлог законот за високо образование, според претставниците на Студентскиот пленум, треба да биде готов за шест до осум месеци.
– Нема да има политички фигури во фазите на подготовка на законот. Државни службеници ќе бидат и од Министерството за образование и наука и од Министерството за финансии и советниците од кабинетот на претседателот на Владата. За 30 дена треба да биде готов костурот на законот и ќе се формираат работните групи. Во четвртата фаза ќе биде изготвен Предлог-закон кој ќе оди на јавна расправа – изјави Туфегџиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.