| четврток, 6 декември 2018 |

Питачите масовно се протеруваат од Стокхолм

питачи

Од централните делови на Стокхолм шведската полиција претпладнево протера дваесетина питачи, имигранти од земји-членки на ЕУ, во рамките на законските овластувања за заштита на јавниот ред и мир, јави дописникот на МИА од Гетеборг.

– Тротоарите не се места за спиење, туку треба да се користат за движење на пешаци – изјави Ларс Бистром од стокхолмската полиција.

Дваесетина Роми по потекло од Романија, се избркани од своите привремени ноќевалишта од центарот на шведската престолнина.

– Со помош на преведувач беа информирани дека социјалните служби им обезбедиле сместување во Ворберг, во јужниот дел на општина Стокхолм. Таму ќе можат да останат пет дена – рече Бистром за Шведското радио.

Отстранувањето на питачите од јавните места во шведските градови е прашање кое веќе подолго време е проследено со интензивна дебата.

Вчера беше објавен предлогот на најголемата опозициска Партија на модератите, полицијата и редарите да добијат поголеми законски овластувања во справувањето со распространетиот социјален феномен на питачење во шведските градови, кој добива се поголеми и загрижувачки димензии.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top