| четврток, 6 декември 2018 |

Падна договор-ќе се изработува нов закон за високо образование

 

ukim

Ќе се  изработува нов закон за високото образование – договорено е попладнево на средбата на претставниците на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Владата и МОН и на пленумите на студентите и професорите, која се одржа во Ректоратот на УКИМ.

– На состанокот се донесе заеднички заклучок да се пристапи кон изработка на нов закон за високото образование, од две причини – прво затоа што постоечкиот закон за шест години веќе претрпува 16-та измена и, второ, затоа што се сложивме во нашата заедничка определба за подигнување на квалитетот на високото образование, определба за сеопфатни реформи – не само во насока на подигнување на квалитетот, туку и подигнување на нивото на знаењето на студентите – изјави по едно и полчасовната средба ректорот на УКИМ Велимир Стојковски.

Информираше дека претстои формирање на работни групи кои во рок од 30 до 45 дена треба да го изработат концептот на новиот закон. Во нив ќе членуваат сите заинтересирани страни кои беа присутни на состаноците. По изработка на концептот на новиот закон, рече тој, ќе се организира конференција и потоа, во пошироки работни групи, ќе се пристапи кон изработка на текстот на законот.

– Во следната фаза тој текст треба да биде понуден на јавна расправа и забелешките од неа да бидат усогласени со предлог на текстот. Со овој начин на работа ќе се создаде една конструктивна атмосфера за, навистина, сите чинители да го дадат својот прилог кон изработка на еден квалитетен текст, кој ќе биде применлив за сите и кој ќе не однесе во Европа со оние критериуми кои се воспоставени во европскиот образовен простор – рече Стојковски.

Рече дека новиот концепт се очекува да ги реши сите прашања, не само тие што се однесуваат на државниот испит, туку на сите, како што рече, потешкотии на кои наидуваат универзитетите.

Стојковски ги повика членовите на Студентскиот и на Професорскиот пленум да им се вратат на обврските.

– Апелирам лично, како ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, до нашите колеги и до нашите студенти, да се вратат на редовните работни обврски зашто само така сите ќе можеме да го дадеме максимално својот прилог во готвењето на новиот текст – рече ректорот на УКИМ.

Од Студентскиот пленум се задоволни што е исполнето нивното барање за нов закон за високото образование, наместо одложена примена на измените во постојниот.

Ивана Туфегџиќ рече дека за нивното натамошно дејствување ќе одлучат на  генерален пленум што ќе го одржат вечер.

– Овде бевме делегати на Студентскиот пленум за да го изнесеме нашето барање на средбата – за нов закон за високото образование. Нашето барање е прифатено. Заклучоците од средбата ќе ги пренесеме на нашиот вечерашен генерален пленум на кој ќе се излезе со став – изјави Туфегџиќ.

На средбата денеска присуствуваа претставници на Ректорската управа и Универзитетскиот сенат, заменик-претседателот на Владата Зоран Ставрески, министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми и заменикот Спиро Ристовски и претставници на пленумите на професорите и студентите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top