| четврток, 6 декември 2018 |

Европскиот Парламент бара итно почнување преговори за членство на Македонија

европарламентБарање од Европскиот совет за итно отворање на преговорите за членство на Македонија во Европската унија, враќање на придавката „македонски”, па и употреба на уставното име во еден случај, загриженост за политичката криза во земјата и понуда за посредство за решавање на ситуацијата. Ова го содржи најновата Предлог-резолуција на Европскиот парламент, во одонс на последниот извештај на Европската комисија за Македонија, што денеска на втората расправа пред Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ), ја претстави известувачот Иво Вајгл.

По 296-те амандмани поднесени по првото претставување на Предлог-резолуцијата минатиот месец, денеска Вајгл и известувачите во сенка за нашата земја, излегоа со 16. компромисни амандмани, чија главна порака е да се отворат пристапните преговори со Македонија и дека билатералниот спор со Грција треба да се решава во фаза на преговори, без истиот да биде пречка за Македонија да напредува во евроинтеграциите.

На ова жестоко реагираа грчките европратеници, кои како аргумент го користеа лидерот на СДСМ, Зоран Заев и неговите материјали за прислушување во земјата што, според нив, покажале дека Македонија не ги исполнува Копенхашките критериуми и дека не заслужува да напредува во евроинтеграциите. Сепак мнозинството во АФЕТ не ги поддржува ниту нив, ниту бугарскиот ултранционалист Ангел Џамбаски, па утре се очекува да усвои нова, позитивна Резолуција на европскиот законодавен дом за Република Македонија.

Потпретседателот на АФЕТ, Хрватот Андреј Пленковиќ, на почетокот на дебатата истакна дека Македонија во последно време се наоѓа во ситуација каде политичката стабилност е во прашање поради меѓусебни обвинувања за казнени дела кои се однесуваат и на прислушување. За да се решат овие лоши услови во земјата, тој рече дека треба да се преземат мерки за државата да оди на патот на ЕУ. Европарламентот, рече тој, ги повикува сите актери на конструктивен начин и низ дијалог да се вратат јасните стратешки приоритети на земјата и таа да се насочи на реформи и на патот кон ЕУ.

– Имаше 296 амандмани на Предлог-резолуцијата подготвена од известувачот Иво Вајгл, од кои изготвивме 16 компромисни амандмани кои покриваат низа важни прашања, од она за името, преку препорака за итно отворање на пристапните преговори, до влошување на состојбата со медиумите и цивилното општество, меѓунационалните односи и надворешната политика. Долги години, и покрај препораките на ЕК, земјата уште не ги отворила пристапните преговори, што ги фрустрира нашите колеги во Македонија, посочи Пленковиќ

Известувачот Вајгл, пак, посочи дека Предлог-резолуцијата за Македонија била сложена работа, дека многу теми во земјата се многу сложени и тешки. Тој рече дека сегашната верзија со 16 компромисни предлог-амандмани, во најголема можна мерка ги одразуваат заедничките стојалишта во ЕП, е подобра.

– Извештајот за напредокот за Македонија, издаден од ЕК и нашата реакција на истиот е важна со цел да се воспостави чувство на континуитет на процесот на проширување. Македонија низа години е во тој процес и многумина што учествуваа во изработката на ова мислење со мене, воочивме напредок и некои проблеми во земјата. Судирот со Грција, каде сме во пат-позиција е една од главните точки во извештајот и треба на Македонија да и се даде можност да ги отвори преговорите, што не значи и дека не треба понатаму да се работи на некои проблеми, што е можно до завршувањето на процесот на преговори, истакна Вајгл.

Според словенечкиот европратеник, последиците од ова закочување на процесот на приближување на Македонија кон Унијата се негативни, влијаат на економската стагнација и создаваат многу лоша политичка клима во Македонија. Вајлг посочи дека извештајот на ЕК за напредок на Македонија сугерира да се почнат преговорите за членство и да почне сериозна работа на решавање на некои проблеми, однсно се што ќе се утврди како такво во однос на билатералните односи.

– Во овој случај, луѓето во Македонија се соочени со низа политички компликации, пред се силна криза на доверба, а и главните политички актери од опозицијата го бојкотираат Парламентот и има сериозни обвинувања од двете страни во поглед на неадекватно однесување и случаи што треба да ги решат судовите и да се утврди дали навистина се случиле, додава Вајгл.

Веднаш по него, ко-претседавачот со Мешовитиот комитет на ЕП и македонското Собрание, Алојз Петерле, посочи дека почетна точка за ситуација во Македонија е мислењето на Еврокомисијата, според кое државата ги исполнува критериумите за отворање на преговорите. Искусниот словенечки европратеник рече дека ова не е резолуција во која се поддржува државата, туку европскиот дух и ориентација во земјата.

Петерле алармираше дека отворање на преговорите ќе овозможи да се влијае на целиот процес во Македонија и дека треба да се избегнуваат некои идни закочувања и пат-позиции оти се гледа дека со тоа ништо не се постигнува и нема напреок кој ЕУ сака да го има.

– Оваа ситуација на несигурност не е добра во поглед на ЕУ-перспективата на земјата и не и помага Македонија да ги реши политичките судири и напнатоста. И ние имаме политичка одговорност на парламентарен начин да ја надминеме сегашната статус-кво ситуација. И покрај инсистирањето на некои наши грчки и бугаркси колеги во ЕП, мора да ни биде јасно на сите дека не смееме да ставаме дополнителни препреки на почеток на преговорите со Македонија, истакна европратеникот Петерле.

Поранешниот известувач од ЕП за Македонија, Ричард Ховит, посочи дека се работи за добри копромисни амандмани и покрај некои разлики внатре во овој парламентарен Комитет. Тој рече дека сега има текст со кој се испраќа одговарачки сигнал и надеж дека европските пријатели во Македонија ќе го почувствуваат.

– За оваа резолуција гласаме во тежок момент поради случувањата и односите меѓу политичките партии во Македонија. Иако некои во Скопје сакаа ништо да не кажеме, ние како ЕП со тоа немаше да покажеме одговорност. Мислам дека е подобро и мора да испратиме јасен сигнал на двете политички партии во Скопје и да бараме и поддржиме нивен дијалог, за што е добро и европските социјалдемократи и Европската народна партија (ЕПП) да испратиме заедничка порака. Сакаме ситуацијата во Скопје да е подобра, но и ние овде треба подобро да се однесуваме кон оваа држава. Затоа е добро да се има ваква резолуција, посочи Ховит.

Следуваа жестоките реакции на грчките европратеници. Па, така, Софија Сакорафа од Обединетата европска левица (ГУЕ/НГЛ), посочи дека дошло до назадување во многу области во Македонија, од слободата на говор, преку владеењето на правото и слободата на медиумите и дека за тоа, земјата не ги исполнува Копенхашките критеируми. Таа изрази незадоволство и го нарече „политички пропуст на институционално ниво”, тоа што ЕП и во оваа резолуција бара итно отворање на преговорите со Македонија.

– Прашањето за името не е само меѓу Грција и Македонија, тоа е и меѓународен проблем, а соседските односи се влошија во последно време, посебно откако поранешниот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, во моето село во Грција, на Олимп, покажа знаме со сонцето од Вергина, што подрива каков било вид на добрососедски односи со Грција и регионот, истакна Сакорафа.

Неофашистичкиот европратеник од грчката Златна Зора, Јоргос Епитидејос, пак, истакна дека е изговор грчката блокада над Македонија поради спорот за името, посочувајќи дека државата не ги исполнува Копенхашките криетериуми. Тој рече дека Грција не спречува пристап на државата кон Унијата, но рече дека употребата на името Македонија „не е само навреда поради историјат, туку и територијални претензии кон Грција”.

– Македонскиот народ, како што се сметат оние што живеат на југот во Грција, тие велат дека треба да се ослободи. Потребен е притисок врз Македонија за спорот за името. Тоа е вистината, а се друго е лицемерие, посочи неофашистот од Златна Зора.

Епитидејос го замоли и претседавачот Пленковиќ, „да не ги навредува Грците со тоа што наместо ФИРОМ, државата ја нарекува Македонија”. На ова, хрватскио европратеник и потпретседател на АФЕТ му одговори дека Хрватска ја признава Македонија под нејзиното устанво име и оти тој ќе ја ословува во ЕП онака како што неговата земја ја признала.

Гркот Кефалојанис, додаде дека Македонија назадувала изминатите 12 години во сите подрачја, дека има се посилна политизација во општеството и дека се врши масовен надзор на медиумите. Тој го цитираше лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дека како водач на опозицијата, откако ги загубил изборите, не се вратил во Парламентот со својата група и дека „неодамна најави дека има намера да востанови парламент и влада во сенка”. Тој рече и дека Скопје има територијални намери кон други држави и дека се говори за голема Македонија, што е провокација кон Бугарија и Грција. Тој побара и да се избрише зборот „Македонија” во петтиот амандман, како и придавката „македонски” што ја има на две места.

И европратеничката од Грција, Спираки, пак, додаде дека во Македонија не се почитуваат правата на националните малцинства, посочувајќи дека тоа е случај „кога се работи за делот на односите на албанското малцинство и словенското мнозинство”. Таа рече дека ЕУ нема да направи притисок, ако даде зелено светло за отворање на преговорите.

Бугарскиот ултра-националист Ангел Џамбаски, кој поднесе рекордни 30 амандмани на оваа Предлог-резолција за Македонија, рече дека не се работи за историски разговори за враќање во минатото во однос на Македонија, туку за актуелната состојба во однос на почитување на човековите права во државата. Во тој поглед, според него, се работи за омраза кон заедница во друштвото на која не и се дозволувале сите права.

Хрватката Маријана Петир (ЕПП), повика Европскиот совет без одложување да одреди почеток на преговорите, што според неа, Македонија го заслужува, според високото ниво на усогласеност со европското законодавство. Таа рече дека има и слабости кои треба да се поправат, но јавно ја пофали Македонија дека е меѓу петте најмалку задолжени земји во Европа, во однос на земјите-членки на ЕУ и на земјите- кандидати, како и дека годинава е предвиден економски раст од 3,5 отсто, што според неа е одлично за Македонија.

– Го поздравувам напорот на македонските власти да ги заштитат човековите вредности, пред се заштита на семејството, животот на неродените деца и бракот. Македонија поради билатерален спор за име со Грција, чека девет години за да почне да преговора, што под прашање ја става методологијата на преговарачкиот процес и неговиот неуспех ефикасно да го модерира европскиот пат на Македонија, посочи Петир.

Искусниот словачки европратеник, Едвард Кукан, посочи дека внатрешната ситуација во земјата добила драматичен развој минатите недели и дека е возномирен од овој политички застој што во Македонија израсна во остар судир меѓу опозицијата и владејачката партија.

– Скандалот со прислушување ги урива темелите на демократскиот состав и ја нарушува довербата на граѓаните во политиката. Тој покажува каков неуспех доживеа независниот состав и надлежните служби треба да истражат се, додека политичарите од власта и опзицијата да се однесуваат одговорно и да се воздржат од екстремни потези, побара поранешниот министер за надворешни работи на Словачка.

Во однос на настојувањето на грчките европратеници да се утврди дека Македонија не ги исполнува Копенхашките критеруми, Кукан ги потсети дека оваа резолуција е во однос на извештајот на ЕК за Македонија, во кој не за првпат, ЕК утврди дека државата ги исполнува Копенхашките критеируми и поддржува почеток на преговорите, што ЕП само го поддржува.

Истото го подржа и директорот во Директоратот за проширување на ЕК, Сајмон Мордју, кој рече дека и покрај тешкотиите со кои се соочува Македонија, дека ЕК „смета дека е многу важно земјата и понатаму да напредува на патот кон ЕУ, а за тоа да биде можно – Комисијата шеста година по ред ја повторува препорака дека Македонија треба да почне преговори оти ги исполнува преудсловите”.

– Од наша страна, утврдено е дека без јасна европерспектива, има опасност од дестабилизирање во земјата и тоа јасно укажува на она што се случи изминатите 12 месеци. Важно е земјата да напредува и да тргне со преговорите, порача Мордју од Еврокомисијата.

Исто така го повтори предлогот на комесарот Јоханес Хан, за ЕП да обезбеди делегација, која како и во случајот со Албанија, во Македонија би ја вратила опозицијата во Парламентот, за што се чека реакција најпрво од македонските партии дали се согласуваат на вакви „олеснувачи”.

На крајот од оваа дебата, известувачот Иво Вајгл заклучи дека земјите-соседи треба да живеат во мир и взаемно почитување и дека на Брисел му треба стабилна и отворена Македонија, што е и интерес на Грција. Тој рече дека е момент кога ЕУ треба да е солидарна со Македонија, како што е и со останатите земји кои имаат проблеми во моментов, посочувајќи ја за пример Грција.

Како заклучок на дебатата за македонската Предлог-резолуција на Европарламентот, претседавачот Пленковиќ рече дека „отворање на преговорите и паралелно решавање на спорот за името е идеално за Македонија, оти нивото на фрустрации во земјата на сите им е несфатливо”.

Утре Комитетот за надворешни работи на ЕП ќе гласа за резолуцијата за Македонија, која потоа треба да ја потврди целиот состав (751 европратеник) на Европарламентот, на пленарна седница во Стразбур идниот месец.

Резолуциите за земјите-кандидати што ги носи Европскиот парламент, а кои се носат во однос на прогрес-извештаите на Европската комисија, немаат никаква правна основа и истите служат само како политичка порака до Брисел и самите држави на кои се однесува.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top