Македонија и Хрватска ја продолжуваат соработката во образованието и науката која континуирано трае од 1995 кога беше потпишан првиот билатерален договор во оваа област меѓу двете земји. Министрите Абдилаќим Адеми и Ведран Морнар денеска во Скопје потпишаа нова тригодишна програма за соработка во образование, наука и технологија, за периодот 2015-2018 година.
Адеми изјави дека на средбата констатирале исти предизвици со кои се соочуваат образовните системи и во Македонија и во Хрватска и затоа, рече тој, соработката ќе опфати размена на искуства во сите нивоа на образование. Во областа на науката, двете земји ќе соработуваат на заеднички научни проекти за искористување на средствата од фондовите на Европската унија, особено од програмата „Хоризонт 2020“.
– Со овој важен документ уште повеќе ќе се зацврстат билатералните односи меѓу двете земји. Програмата предвидува повеќе активности. Продолжуваме со размена на позитивните искуства во основното, средното и во високото образование, каде приоритет е воспоставување директна соработка меѓу универзитетите на двете земји – рече Адеми.
Хрватскиот министер за наука, образование и спорт Морнар изјави дека во некои сегменти Македонија е понапред од Хрватска – деветолетката и екстерно оценување во основно образование. Деветгодишно образование во Хрватска експериментално ќе се воведе во 2017/2018, а да се применува од 2022 година. Надворешно оценување засега имаат во средно образование, како државна матура, а оценување во основното образование планираат со реформите на наставната програма која, како што рече, треба значително да го подобри образвниот систем во Хрватска.
– Идентификувавме дека проблемите се практично исти, дека она што е проблем во Хрватска, проблем е и во Македонија – рече Морнар, додавајќи дека исто така имале студентски протести пред 5-6 години.
Препорачаи документарен филм за нивните протести објавен на Јутјуб во кој, како што рече, се гледа многу нешто заедничко.
– Протестите на студентите во Хрватска беа во 2009 година и државата не се мешаше, но дијалог се водеше и тој мора да постои. Остри мерки тука не би помогнале – рече Морнар.
На прашање одговори дека во Хрватска нема државен испит но би бил среќен кога тој би постоел.
– Мислам дека тоа е нужно потребно, нешто што би помогнало за развојот на квалитетот на високото образование. Мора да имаме мерливи показатели кој универзитет е добар, кој не е. Тоа го има и во САД, каде никој не се побунил. Тоа е критериум за продолжување на постдипломски студии. Ние, за жал, ја имаме Болоња таква каква што ја имаме, а гледам и во Македонија е истата ситуација. Во Хрватска речиси 95 отсто од дипломираните запишуваат мастер-студии, што е сосема нереално – рече Морнар, додавајќи дека запишувањето на магистерски студии е финанански интерес на универзитетите, а државата треба да овозможи селекција на најдобрите за да ги препознае и пазарот.
Просветните работници во Хрватска земаат плата околу просечната во државата (околу 5.500 куни) – наставниците во основно нешто под просекот, во средно малку над просекот, а универзитетските професори, посочи Морнар, добиваат двојно поголем износ од просечната плата, кој е најмногу до 2.000 евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Павлопулос: Нема да прифатиме своеволни толкувања на Договорот од Преспа
-
Заев: Македонско-грчката комисија ќе почне да работи откако ќе се ратификува Договорот од Преспа во двете земји
-
Каменос се закани дека ќе ја напушти владата, кога Договорот од Преспа ќе дојде во парламентот
-
Кувелис: Договорот од Преспа ќе биде ратификуван во грчкиот Парламент