Аферата „Прислушување“ треба да ја разрешат надлежните институции, но ако е неопходно исто така треба да има комитет во Парламентот кој ќе се справи со ова прашање, но тоа зависи од присуството на сите политички партии во Парламентот, вели еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика Јоханес Хан во неделното интервју за „Радио Слободна Европа“.
На прашањето каков е ставот на Европската комисија за последните политички случувања во земјава поврзани со полициската акција „Пуч“, Хан ги повикува сите страни да го решат овој проблем.
– Оние кои ги имаат материјалите треба целосно да ги откријат и сите се добро советувани да ја остават работата на процедурата согласно владеење на правото. И да се справат со тоа на адекватен начин, како што се очекува од земја со европска перспектива – изјави Хан.
Случајот со презентирањето на доказите за прислушување кои ги објави опозицискиот СДСМ, според Хан е нешто многу сериозно.
– Уште еднаш мојата препорака е дека работите треба да бидат разјаснети и истражени од оние луѓе кои правно се задолжени за таква процедура. Но, доколку е неопходно исто така треба да има, како што е вообичаено во многу земји, според политичката пракса, да има комитет во Парламентот кој ќе се справи со ова прашање, но тоа зависи од присуството на сите политички партии во Парламентот. Ова е уште една добра причина и затоа има многу смисла сите политички партии да се во Парламентот и политичкиот дијалог да се одвива во Парламентот – вели Хан.
Според Хан, за враќање на политичкиот дијалог во земјава е неопходно и е дел од зрелоста на демократијата, да се има дијалог и отворени канали за разговор.
– Секако, никој не бара од сите да се согласат за сè, но во добро развиена демократија мора да има култура на пронаоѓање компромиси. Ова е сигурно нешто кога некој може да каже оти во земјата сè уште има недостаток од оваа способност да се најде и да се постигне согласност и политички компромиси – вели Хан.
На прашањето дали гледа волја кај политичките партии за постигнување компромис, Хан вели дека мисли дека има разбирање оти на крајот на денот мора да има политичко решение, бидејќи се работи и за репутацијата на земјата.
– Јас одлучив да ја посетам земјата уште пред неколку недели со цел да воспоставам прв контакт со клучните играчи во земјата за да истражам каде сме во процесот на движење кон ЕУ. Тогаш оваа актуелна криза почна и некои луѓе ме советуваа да не доаѓам, но одлучив да ве посетам особено во оваа ситуација со цел јас да дадам придонес и придонес на ЕУ за да демонстрирам и да дадам поддршка дека ние сме тука. Да поддржам политичко решение, бидејќи ова е дел од демократскиот развој. Секако има различни мислења и сериозни обвинувања кои мора да бидат менаџирани во согласност со стандардите на владеење на правото. Но, воедно е неопходно да има политичка дискусија и дебата – изјави Хан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.