По исцрпувачкиот пораз во првенството на Македонија во кошарка од МЗТ Скопје во средата, тимот на Работнички веќе денеска го очекува тежок натпревар во полуфиналето на купот против Куманово.
Заменик тренерот на најтрофејниот кошаркарски колектив во нашата држава Марјан Србиновски кој сега е прв човек на клупата на Работнички поради суспензијата на Марин Докузовски, е претпазлив пред денешниот натпревар и ветува максимално ангажирана игра во текот сите 40 минути, беспоштедна борба за победа и пласман во финалето.
– Не очекува интересен и неизвесен фајна-фор турнир во кошаркарскиот куп. Во полуфиналето очекувано се пласираа четири најдобри екипи и само нијанси ќе одлучуваат кој ќе се заќити со титулата. Куманово со новото засилување Караџовски стана сериозен тим кој заедно со Костовски, Мандиќ и Луковиќ се навистина силни и заслужуваат респект. Мора да одиграме максимално, пред сѐ во одбраната. Имавме две дена да се одмориме по напорната средба со МЗТ Скопје. Поразот е веќе заборавен, а поуките се извлечени. Сега, сите мисли ни се завртени кон завршниот турнир од Купот на Македонија и дуелот со кумановци – изјави Србиновски.
Тренерот на Куманово Страшо Тодоровиќ не сакаше премногу да елаборира пред вечерашниот дуел, само нагласи дека напорно работеле на тренизните и максимално се подготвени за дуелот против Работнички. Нивата желба е пласман во финалето.
– Чест е да се игра на ваков турнир. Не се знае ништо однапред на утрешниот меч против Работнички. Без разлика на напорниот ритам во БИБЛ, ние паралелно се подготвувавме за полуфиналето. Наша цел е финалето и ќе сториме сѐ за да го исполниме тоа – изјави тренерот на Куманово, Страшо Тодоровиќ.
Посебен штимунг на овој меч се очекува да дадат и двете навивачки групи Сити Парк Бојс и Кумани кои најавуваат дека ќе присуствуваат на овој дуел во голема бројка.
Натпреварот е втор на распоредот во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 20.30 часот, додека во првиот термин од 17 часот силите ќе ги одмерат минатогодишниот шампион МЗТ Скопје и Кожуф.
Билетите се веќе пуштени во продажба и изнесуваат 150 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.





