| четврток, 6 декември 2018 |

Општествениот консензус изроди измени на законот

Вработените и пензионерите ќе бидат ослободени од плаќање придонеси доколку остваруваат дополнителни приходи пониски од 21.300 денари. Овие лица ќе плаќаат придонеси само на износот што го надминува прагот од 21.300 денари затоа што тие веќе се вклучени во системот на социјално осигурување. Невработените лица, пак, кои остваруваат надомест по основа на договор за дело, авторски договор или друг вид договор, ќе бидат ослободени од обврската за плаќање придонеси до износот на минималната плата утврдена со закон (9.590 денари). Овие лица ќе плаќаат придонеси само на износот што го надминува прагот од оваа сума. Ова е со цел да се заштитат интересите на лицата што досега биле ангажирани, но на кои не им се плаќа пензиско и здравствено осигурување

Вработените што во јануари заработиле дополнителен хонорар понизок од 21.300 денари нема да треба да плаќаат придонеси за него. Овие измени на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување произлегоа од иницијативата на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесена до Собранието, откако засегнатите страни изразија незадоволство од првичниот концепт со кој се предвидуваше за секој хонорар над 9.590 денари да треба да се платат придонеси. Со најновите измени и дополнувања се врши прецизирање и олеснување на условите за плаќање придонеси на надоместот остварен по основа на договор на дело, авторски договор или друг вид договор со кој се остварува надомест. Лицата, пак, кои не се невработени, ќе плаќаат придонеси само на износот што го надминува прагот од 9.590 денари.

– По подолги консултации со повеќе надлежни државни институции, но и по длабока анализа на сите аспекти и забелешки на повеќе граѓани, организации и претпријатија, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ подготви предлог со кој би се одговорило позитивно на барањата, но во исто време не би се загубила главната цел и праведност на претходните измените на Законот – соопшти пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски законите за исплата на хонорари Собранието ги донело во текот на летните месеци, во период во кој, за жал, немало никаква дебата и никаков продлабочен интерес од сите засегнати субјекти.

– Таа дебата се случи во текот на декември и на јануари, веројатно поради периодот на спроведување на законот – рече Димовски, за кој поместувањето на границата над која вработените ќе плаќаат придонеси, од 9.590 денари на 21.300 денари, и тоа само за исплатени хонорари, претставува општествен консензус.

Новите законски измени ќе донесат социјална сигурност и искоренување на сивата економија, сметаат стручњаците.

– Ова значи дека власта има слух за барањата на граѓаните и дека ѝ значат нивните сугестии. Менување законско решение што било донесено минатата година и сега почна да се применува, ја покажува демократијата што владее во државава, во која главниот збор го имаат обичните луѓе и нивните потреби. Во случајов е зачуван социјалниот аспект и на вработените и на невработените – велат стручњаците.

Измените на Законот за хонорарците ќе бидат од корист за сите работници, а хонорарците ќе бидат позаштитени и посигурни, сметаат и бизнисмените и синдикатот. Првиот синдикалец Живко Митревски оцени дека е добро што нивните предлози се прифатени и дека тие ќе придонесат за подобрување на законското решение, од кое ќе има придобивки огромна маса луѓе.

– Добро е тоа што моделите што ги предлагавме со Организацијата на работодавци се прифатени и ќе придонесат за подобрување на законот – вели претседателот на ССМ Живко Митревски, додавајќи дека уште од самиот почеток дале поддршка на потребата од донесување едно вакво законско решение.

Законските измени ги поздравија и бизнисмените од Сојузот на стопански комори, според кои предложените измени ќе бидат од корист и за бизнисот и за граѓаните и, конечно, ќе се осигурат тие работници што досега не биле осигурени.

ekonomija128-2

Измените на законот предвидуваат лицата што остваруваат приходи од работен однос (вработени лица) и лицата што остваруваат приходи по основа на пензија (пензионери) да бидат ослободени од обврската за плаќање придонеси доколку остваруваат дополнителни приходи на месечно ниво по основа на договор на дело, авторски договор или друг вид договор, помали од износот на просечната нето-плата исплатена во РМ во претходната година, во согласност со податоците на Државниот завод за статистика (околу 21.300 денари). Овие лица ќе плаќаат придонеси само на износот што го надминува прагот од 21.300 денари затоа што тие веќе се вклучени во системот на социјално осигурување. Доколку вработено лице или пензионер оствари дополнителен приход помал од 21.300 денари, нема да плаќа придонеси.

Доколку вработено лице или пензионер оствари дополнителен приход од, на пример 27.000 денари, ќе плати придонеси само за разликата до просечната плата, односно придонеси ќе плати само за разликата од 5.700 денари.

Лицата што не се во редовен работен однос (невработени лица), а кои остваруваат надомест по основа на договор за дело, авторски договор или друг вид договор, ќе бидат ослободени од обврската за плаќање придонеси до износот на минималната плата утврдена со закон (9.590 денари). Овие лица ќе плаќаат придонеси само на износот што го надминува овој праг од 9.590 денари. Ова е со цел да се заштитат интересите на лицата што досега биле ангажирани, но на кои не им се плаќало пензиско и здравствено осигурување.

Според тоа, доколку невработено лице оствари дополнителен приход по основа на договор на дело, авторски договор или друг вид договор помал од 9.590 денари, нема да плаќа придонеси. Доколку невработено лице, пак, оствари дополнителен приход по еден од овие основи од 15.000 денари, ќе плати придонеси само на сумата над минималната плата, односно придонеси ќе плати само за сумата (разликата) од 5.410 денари. И во двата случаи олеснување е што придонеси ќе се плаќаат само на износот што го надминува прагот од 9.590 ден (за невработените лица), односно прагот од 21.300 ден (за вработените и за пензионерите). Ова значи дека лицата што не се вработени, а остваруваат приходи по основа на договор, придонеси ќе плаќаат само на разликата меѓу исплатениот нето-надомест и минималната плата.

Границата за просечната нето-плата за плаќање придонеси ќе се применува сѐ до влезот на Република Македонија во Европската унија. По влезот во ЕУ, вработените и пензионерите ќе плаќаат придонеси на приходите остварени од дополнителна работа над износот што го надминува прагот од минималната плата.

Дел од хонорарците се изне­на­дени што набрзина се донесуваат измени, без да се направат консултации. За нив и овие измени не се добри бидејќи, како што велат, се селектирале граѓаните што примаат хонорар, а се поистоветувале во нивните обврски.

– Значи тие што се вработени, а земаат повисоки хонорари нема да плаќаат придонеси, а тие што не се во работен однос, и земаат хонорар од 9.500 денари треба да плаќаат придонеси. Тоа не е праведно – негодуваат дел од хонорарците.

 

(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 128. број на неделникот „Република“, 13.02.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top