| четврток, 6 декември 2018 |

34. кривична пријава за скопски крадец

СВР-Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство со кривична пријава го предаде лицето Е.Р. (39) од Скопје осомничен дека извршил едно кривично дело „тешка кражба“, за што од страна на Судија на претходна постапка одредена му е мерка притвор во траење од осум дена.

Пријавениот Е.Р. извршил тешка кражба во продавница лоцирана на ул. „Ѓорче Петров“ при што украл повеќе видови електричен рачен алат како бормашини, брусилици, хилти, шмишајбни и комплет кутии со алат од различни марки. Како што соопшти денеска МВР, тој тешката кражба ја извршил во раните утрински часови, дошол до продавницата која што се наоѓа во подрумскиот простор на куќата и откако се уверил дека нема да биде забележан, најпрвин со употреба на физичка сила и штрафцигер го скршил катанецот со кој била заклучена заштитната метална решетка на влезната врата, а потоа откако успеал насилно да ја отвори вратата влегол во продажниот простор од каде што ги зел горенаведените предмети. Ги ставил во два куфери и во една пластична канта за отпадоци, излегол од продавницата и незабележан го напуштил лице место при тоа стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу 321.752 денари.

Веднаш по извршувањето на кривичното дело во непосредна близина пријавениот е пресретнат од полициски службеници на единицата „Алфа“ и заедно со предметите е приведен во ПС „Ѓорче Петров“, каде е извршен претес при што е пронајден и одземен штрафцигерот со кој е извршено кривичното дело.

Од страна на полициските службеници од ККР „Ѓорче Петров“ со пријавениот Е.Р. обавен е разговор во кој истиот го појасни начинот на извршување на кривичното дело, а со потврда за привремено одземени и вратени предмети, одземени се украдените предмети и вратени на оштетениот .

Врз основа на наредба на Основен Суд Скопје 1 -Скопје од страна на полициските службеници од ККР и ПС „Ѓорче Петров“ извршен е претрес во домот на пријавениот при што не се пронајдени предмети кои потекнуваат од кривични дела.

Инаку, Е.Р. е познат извршител на кривични дела од областа на имотните деликти за што од страна на СВР Скопје му се поднесени 33 кривични пријави.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top